
Демонстрантите во Белград упаднаа во РТС
Дел од демонстрантите на протестите „1 од 5 милиони“ на српската опозиција во Белград упаднаа вечерва во зградата на Радио-телевизја Србија. Учесниците на протестот претходно ја опколија зградата на РТС почнувајќи ја блокадата на телевизијата која ја најавија пред почетокот на протестот.
Набргу по упадот на демонстрантите во зградата дошле и полициски сили за да го спречат. Додека се случуваше упадот во телевизијата пред зградата пристигна камион од кој се емитуваше „Дневникот на слободна Србија“ од каде беа повикани граѓаните на голем протест на 13 април во Белград.
Протестите во Србија под слоганот „1 од 5 милиони“ започнаа есента 2018 година, по инцидентот во кој беше претепан лидерот на Левицата во Србија, Борко Стефановиќ и според опозицијата претставуваат продолжување на „протестите против диктатурата“ од 2017 година и се насочени против начинот на кој српскиот претседател, Александар Вучиќ, ја спроведува власта.