Демократите бараат Малер јавно да сведочи во Конгресот

Демократите ветија дека ќе продолжат со притисокот и истрагата за обвинувањата против Доналд Трамп дека извршил опструкција на правдата, по објавувањето на извештајот на руското мешање во претседателските избори 2016-та година.

Опозиционите демократи бараат Роберт Малер, специјалниот обвинител кој две години ги истражуваше сомневањата за соработка меѓу руската влада и кампањата на Доналд Трамп, јавно да сведочи пред конгресот за својата истрага.

Јавниот обвинител на САД, Вилијам Бар вчера објави редактирана верзија од извештајот на Малер. Демократите во Конгресот инсистираат да ја добијат целосната верзија на извештајот, без интервенциите на јавниот обвинител, кого го обвинуваат дека прерано го ослободил Трамп од каква било одговорност.

“Знаете, мене навистина ме загрижува огромната разлика меѓу извештајот на Малер и неговата содржина и тоа што јавниот обвинител Бар го тврдеше за извештајот во текот на последните неколку недели, што многу повеќе наликуваше на Пи-Ар кампања отколку на вистинска правна анализа” -изјави Џејми Раскин, претставник на Демократската партија во комисијата за правосудство

Според интерпретацијата на правниот тим на Трамп и неговите најжестоки поддржувачи, извештајот на Малер – целосно го ослободува американскиот претседател од каква било одоговорност.

Иако извештајот на Малер посочува дека Претседателот Трамп не соработувал со русите, нема таков цврст заклучок во однос на сомневањата за опструкција на правдата.

Напротив, во извештајот се наведуваат повеќе случаи во кои Трамп се обидел да ја попречи истрагата, вклучувајќи го и неговото барање Малер да биде отстранет од функцијата која ја врши.

“Во однос на прашањето за обструкција на правдата, извештајот подвлекува повеќе обиди на Претседателот да ја измами државата, да ја попречи истрагата, да даде лажни изјави пред американскиот народ и да бара од други лица да го лажат американскиот народ, да бара од припадници на неговиот кабинет да преземаат постапки за дополнително попречување на истрагата, кои можеби биле одбиени, но секако не биле одбиени благодарение на добрата волја или добрите мотиви од страна на Претседателот” – оцени претседавачот на комитетот за контрола на работата на разузнавачките служби, Адам Шиф.

Редактираниот документ од 448 страници е резултат од 22 месечната истрага на специјалниот Роберт Малер, кој беше именуван да го истражи руското мешање во претседателските избори 2016-та година и можната соработка на руските служби со кампањата на Трамп.

Русија ги отфрли обвинувањата во извештајот а портапоролот на Путин, Дмитри Пешков оцени дека во тој документ нема никаква нова информација.

Никола Илиевски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ