Дејвис се повлече, наместо него со Брисел ќе преговара Доминик Рааб

Доминк Рааб е новиот преговарач во британската влада за Брегзитот. Премиерката Тереза Меј го назначи да го доврши процесот на преговори со Брисел за излез на Велика Британија од ЕУ, откако неговиот претходник и креаторот на Брегзит, Дејвид Дејвис утринава поднесе оставка. Дејвис ја поднесе оставката затоа што како што кажа не сака да биде незадоволниот соработник во плановите на Меј за напуштањето на ЕУ.

„Сега ни е предложено да ги користиме истите правила, односно истите закони како и ЕУ. Не еквивалентни, не слични, туку истите. И тоа ќе предизвика бројни проблеми, кога ќе треба да направите нешто поинакво. ..Тактиката која мене ме загрижува е што ЕУ ќе го прифати она што го нудиме, и ќе бара уште повеќе и ќе чека на повеќе. Мислам дека треба да дојде време кога ќе бидеме построги со нив. И сметам дека ова е моментот“, вели Дејвис.

Оставката ја поздравија заговорниците на Брегзит од Конзервативната партија кои сметаат дека Меј всушност е предавничка на нивната желба за целосен прекин со ЕУ, со тоа што таа се обидува да ги задржи блиските трговски врски со Брисел.

„Проблемот со владата е што ја свитка кичмата…И дознавме дека преговарачката стратегија на Дејвид Дејвис која требаше да ја следат беше попречена од Даунинг Стрит и тоа е навистина е лоша политика“, вели Џејкоб Рис-Мог, пратеник во Парламентот и член на Ториевците.

Дејвис од самиот почеток на Брегзит не се согласуваше со премиерката Меј, и постојано и се закануваше со оставка. Неговиот конечен потег, како се чини, поттикна и други да тргнат по негов пат. Оставка поднел и неговиот заменик кој на многумина им даваше верба во процесот, а медиумите известуваат и за оставката на заменичата министерка Суел Брејверман.

Девет месеци пред Британија да ја напушти унијата и на само три месеци пред рокот за постигнување договор со ЕУ, Меј се најде под силен притисок од Брисел и бројни фирми од неа бараат да го покаже својот преговарачки став. За мир во куќа, дел од министрите се согласија во петокот да го прифатат планот на Меј – трговските врски да останат блиски со унијата, но не и Дејвис.

Европската Комисија не сака да ја коментира промената на персоналот во преговарачкиот процес. Велат дека ќе продолжат да преговараат со добра волја.

Алиса Шутиноска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ