
Давид Мариа Сасоли нов претседател на Европскиот парламент
Италијанецот од Социјалистичката партија Давид Мариа Сасоли е новиот претседател на Европскиот парламент. Во повтореното гласање Сасоли доби 345 гласови за разлика од првото кога за него гласаа 325 пратеници. Новиот претседател порача дека пред новиот состав на парламентот се наоѓаат тешки тестови и клучни одлуки.
Мораме да застанеме во одбрана на самата иднина на ЕУ а на овие предизвици можеме да се посветиме и да ги решиме ако останеме обединети, обединети во нашите различности и подготвени да дадеме се од себе за буџетот и одговорноста на институциите, рече Сасоли.
По изборот на новиот претседател на ЕП, пратениците ќе гласаат за предложените кандидати за клучните позиции во ЕУ. Синоќа лидерите на земјите членки успеаја да усогласат пакет за новите членови на ЕК и ја номинираа германската министерка за внатрешни работи Урсула Фон Дер Лајен за претседателка на Европската Комисија. Покрај нејзе, на останатите три клучни позиции во унијата, советот ги предложи и сегашниот шпански министер за надоврешни, Јосеп Борел за висок претставник за надворешна политика, поранешната француска министерка за финансии, Кристин Лагард за претстедателка на Европската централна банка а Шарл Мишел, сегашниот премиер на Белгија за претседател на Европскиот Совет.
Меѓу номинираните за челните позиции нема ниту еден претставник од источна Европа, но според извори од Брисел, источноевропските земји цврсто ја подржале номинацијата на Фон Дер Лајен. Тоа најверојатно ќе биде компензирано со позиции во поптретседателскиот тим на комисјата, што го навести и Туск, кој и порача дека во номинациите треба го почитува географскиот баланс откако Фон Дер Лајен веќе му најавила на Советот дека ќе ги предложи Франс Тимерманс и Маргарет Вестагер за потпретседатели на комисијата.
Игор Трајков