Дали Асанж ќе биде испорачан на САД?

Додека се чека одлуката дали Велика Британија ќе го екстрадира Џулијан Асанж во САД аргументи за или против започнаа да испливуваат од двете страни на океанот. Британската опозиција е против екстрадиција и смета дека единствената причина поради која Американците го сакаат Асанж е затоа што преку откритијата на Викиликс го посрамотил Вашингтон.

Неговата свиркачка активност за нелегални војни, масовни убиства, убиства на цивили и широкораспространета корупција го постави Џулијан Асанж пред нишанот на американската администрација. Поради таа причина тие уште еднаш побараа екстратиција на Асанж, вели министерката за внатрешни работи од сенка, Дајан Абот.

Официјалните обвинувања поднесени во САД против Асанж се тенки. Не можејќи да покренат обвинение против него, поради Првиот амандман на американскиот устав во кој се вели дека „Конгресот нема да усвои закон кој ја ограничува слободата на печатот, Министерството за правда специјално се посвети на случајот. Изработи обвинување, заобиколувајќи го првиот амандман и заштитата на новинарството и свиркачите, во кое го сомничат Асанж дека учествувал во самото хакирање помагајќи ја Челзи Менинг или претходно позната како Бредли Менинг, во извршувањето на кривичното дело. Според обвинението Асанж учествувал во изработката на дел од кодот искористен од Менинг во хакирањето на податоците. За американскиот ситем тоа е доволно за покренување процес.

Мислам дека е јасно од обвинението дека не станува збор за казнување на новинарството, туку станува збор за хакирање на воен компјутер за кражба на информации од американската влада, смета поранешната државна секретарка на САД Хилари Клинтон.

Покрај тоа во Британија постои правен преседан во сличен случај. Во 2012 година, премиерката Меј, тогаш министерка за внатрешни работи ја спречува екстрадицијата на Шкотот Гери Меккинон во САД поради хакирање на системот на американската армија во 2002 година. Меј тогаш ја запре екстрадицијата поради сомнеж дека американскиот процес ќе ги прекрши неговите човекови права.

Џулијан Асанж не е гонет поради заштита на американската национална безбедност. Тој е гонет затоа што откри криминал од американската администрација и нивната армија и треба само да го погледнеме третманот на Челзи Менинг да видиме што го очекува ако биде есктрадиран во САД, тврди Абот.

И покрај очигледната игра со фокусирање на обвиненијата само на техничките аспекти од аферата, шансата Асанж да биде екстрадиран во САД е многу реална. Дали ќе биде екстрадиран зависи само од британското толкување на веќе започнатиот процес во САД каде има навестувања за кршење на неговите права и тежината на потенцијалната казна, каде се спомнуваат повеќе можности, од доживотен затвор, до смртна казна.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ