Четврта жртва во Италија од коронавирусот

Италија утринава јави за четвртата жртва од коронавирусот. 84-годишен човек починал во болницата во Бергамо, јавуваат италијанските медиуми.

Додека Италија е најпогодена од коронавирусот, ЕУ вети 230 милиони евра за борбата против вирусот познат како КОВИД 19, бидејќи државата е првата ЕУ земја во која е најголем број на жртвите од коронавирусот.

Поради ширењето на заразата, стопирани се сите активности во земјата, кои вклучуваат собири, па така и славниот Венециски карневал е укинат.

Италија пријави 165 случаи, што е најголем број надвор од Азија. Во карантин се ставени 10 помали места од северниот дел на Италија. Затвоени се рестораните, баровите, салите за вежбање, училиштата. На жителите од Касалпустерленго, Кодоњо, Кастилионе Дада, Фомбио, Малео, Сомаља, Бетонико, Теранова деи Пасерини, Кастелгерундо и Сан Фиорано им е наредено да останат во своите домови.

Здравствените власти се уште не можат да откријат точен извор на болеста. Првите луѓе кај кои е регистрирана немале контакт со луѓе кои се вратиле од Кина, или од најпогодениот град Вухан. Затоа, се сомневаат дека најмногу од инфицираните ја добиле болеста преку секундарна зараза. „Се пренесува како грип, можете да ја добиете од секој. Очекуваме да се појават и пациенти кои немале контакт со сомнителни носители“, велат здравствените власти во Италија. Иако, може да е потенцијално смртоносна, сепак најпогодени се постарите луѓе со хронични болести, додаваат.

Една од главните дилеми е кој е нулти пациентот во Италија, односно првиот пациент кој го проширил вирусот. Прв потврден случај е 38-годишник кој е на интензивна нега. Тој ги заразил и неговата бремена сопруга и уште еден пријател.

Се верува дека тој го добил вирусот од пријател од Кина со кој бил на вечера пред неколку недели во Италија. На пријателот биле спроведени тестови и се покажало дека тој нема коронавирус. Се истражува дали е можно да го прележал без симптоми, односно дали бил асимптоматски носител на вирусот.

Доцна синоќа, на границата со Австрија, сопрен беше и германски воз, бидејќи во него имало две патнички кои кашлале и имале треска. Италијанско-автсриската граница на кратко беше затворена, додека не пристигнаа резулатите, кои се покажаа негативни за двете патнички, по што на возот му било доволено да продолжи до крајната дестинација – Германија.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ