Четворица загинати во силна експлозија во Париз

Четири лица загинаа а 36 други се повредени во голема експлозија која се случи во пекарница во Париз. Според првичните информации од локалните власти причина за експлозијата е протекување на гас. Покрај пекарницата, оштетувања од експлозијата има на сите околни објекти како и на десетици автомобили.

Истрчав надвор и се обидов да ги најдам моите клиенти, да видам дали се повредени. Неколку имаа повреди на главите, крвареа и се обидовме да ги изнесеме надвор од хотелот, изјави Педро Гонкалвеш, вработен во хотелот наспроти пекарницата.

Непосредно пред експлозијата пожарникарите примиле повик за протекување на гас во зградата и во моментот на експлозијата противпожарни екипи веќе биле во зградата. Француските медиуми пренесуваат дека двајца од загинатите и поголемиот дел од повредените се пожарникари, кои се обидувале да ја евакуираат зградата.

Утрото ги видов пожарникарите, дојдоа пред мојот хотел, спроти мојот хотел испитуваа нешто внатре во зградата со целата своја опрема, вели Гонкалвеш.

Француската полиција веднаш ја отфрли можноста од терористички напад или ескалација на протестите на „Жолтите елеци“ кои викендов повторно демонстрираат. Речиси два месеци Франција е зафатена од масовни и насилни протести предводени од „Жолтите елеци“, чии најголеми демонстрации се одржуваат токму во Париз. 80 илјади полицајци ширум земјата ги обезбедуваат протестите во кои до сега загинаа 10 лица, 2.600 беа повредени и речиси 5.400 уапсени.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ