
Четири нови жртви на коронавирусот во Италија
Четири нови жртви од коронавирусот во Италија, јавија попладнево тамошните здравствени власти. Со ова бројката на починати од КОВИД-19 изнесува 11 луѓе. Тројца се од Ломбардија, а четвртата жртва е од Венето. Се зголеми и бројот на инфицирани, кој во моментов е 322-ца луѓе. Освен во северниот дел на Италија, коронавирусот е регистриран и на југот од земјата. Во Тоскана е регистрирано едно заболено лице, исто како и во Палермо и во Лигуриа.
Италија останува најголемото жариште во Европа. Во меѓувреме, Швајцарија јави за првиот случај, исто како и Шпанија, каде се појави првиот заболен на копно. И покрај тоа, што болеста се шири низ континентот, министрите за здравство на ЕУ земјите членки одлучија да ги остават границите отворени. „Затворањето граници би било несразмерно и неефикасно“ против КОВИД -19, се согласија министрите. Исто така одлучено е дека нема потреба од откажување на јавните случувања, туку дека треба да се процени од случај до случај, и да се преземат соодвтените мерки, со цел да се намали ширењето на болеста.
Откако денеска во Хрватска беше регистриран првиот заболен од коронавирусот, хрватските власти на границата со Словенија поставија медицински контејнери, за полесно да се извршува скенирањето на патниците кои пристигнуваат од северна Италија.