
Чешкиот премиер жестоко исвиркан на 50-годишнината од Прашката пролет
Силни свирежи го дочекаа чешкиот премиер Андреј Бабиш на церемонијата во Прага на одбележувањето на 50 годишнината од Прашката пролет кога илјадници војници на тогашниот Варшавски пакт предводени од Советски сојуз влегоа во Чехословачка да ги задушат реформските промени на Александар Дубчек.
Чесите денеска упатија силни антивладини пораки кон милијардерот Бабиш кој е под сомнежи дека соработувал со тајната полиција на комунистичкиот режим. Тој е контроверзен популист, лидер на Акција на незадоволни граѓани и исто така осомничен за финансиски измами и кривични дела.
„Мислам дека ако не му е слошено од тоа што го прави тој најверојатно не се погледнува во огледало. Можеби нема ниту огледало во својот дом“, изјави демонстрантот Вецлав Жбранек.
Бабиш дојде на историската локација пред прашкото јавно радио каде во 1968 година загинаа десетина невооружени демонстранти во уличните борби со советските војници.
Бабиш кажа дека Чесите сакале искрена револуција за да добијат поголема демократија и да се ослободат од прангите на советскиот сојуз. Но, неговиот говор едвај се слушаше од силните свирежи.
„Луѓето сакаа слобода и демократија повеќе од се друго. Да биде препознаено нивното право да имаат различни мислења и различни ставови“, рече Бабиш.
Чесите и натаму имаат силни емоции за бруталното задушување на прашката пролет, како и сите репресиии од воспоставениот комунистички режим лојален на Москва.
„За тие што го искусија тоа беше страшно. 1950-тите беа исто така страшни, потоа во 1989 можевме да здивнеме. Мораме да ја потсетиме младата генерација, затоа што тоа не смее да се повтори“, вели Мирослава Хловачкова – пензионер.
Прашката пролет во 1968 беше првиот знак на отпор против комунистичките режими низ источна европа. Во Југославија истата година имаше и масовни студентски протести кои беа завршени со реформи од страна на маршалот Тито.
Над 400 луѓе беа убиени под советската окупација на Чехословачка која во 1989 година се стекна со независност формирајќи две самостојни држави. Со новите конфронтации меѓу САД и Русија постои се поголема загриженост дека власта на Путин сака да го прошири своето влијание во земјите од Источна Европа како Чешка преку пропаганда, хакерски напади и големо присуство на воена сила на границите.
Христијан Станоевиќ