
Чавушоглу: Турција и САД ќе создадат механизми за нормализирање на односите
Турција и САД одлучија да воспостават механизми за нормализирање на меѓусебните односи, изјави денеска турскиот министер за надворешни работи Мевљут Чавушоглу, по средбата со американскиот државен секретар Рекс Тилерсон во Атина,
По неколкунеделната ескалирачка антиамериканска реторика на Анкара, Чавушоглу, на заедничката прес-конференција со Тилерсон, изјави дека Турција и САД ќе организираат друга средба во средината на март.
– Синоќа се одржаа разговори меѓу претседателот Реџеп Тајип Ердоган и Рекс Тилерсон, кои беа многу конструктивни. Односите со САД се во критична фаза, треба да се преземат чекори за нивно нормализирање. Постигнавме договор за нормализирање на билатералните односи, рече Чавушоглу.
Меѓу Турција и САД има голем број несогласувања, вклучувајќи ја и поддршката што Вашингтон им ја дава на Сили за заштита на народот на сириските Курди, кои според Анкара се огранок со забранетата Курдистанска работничка партија (ПКК) во Сирија.
На прес-конференцијата во Анкара, Тилерсон рече дека САД признаваат оти Турција има целосно право да ги брани своите граници.
– Признаваме дека Турција има законско право да ги заштити своите граници од закани. Имаме заеднички цели во Сирија. Треба да ги избегнеме чекорите што може да доведат до зголемување на тензиите во регионот, рече Тилерсон.
Чавушоглу додаде дека Турција може да преземе заеднички чекори со САД, откако Силите за заштита на народот ќе се повлечат од Манбиџ. Тој истакна дека јасно дал до знаење оти очекува гаранции од САД за повлекувањето на Силите за заштита на народот од градот.
– Ниту едно од ветувањата кои ни ги дадоа САД не беше исполнето. САД рекоа дека Силите за заштита на народот ќе се повлечат од Манбиџ на исток од реката Еуфрат, изјави Чавушоглу.
Американскиот државен секретар увери дека американската поддршка за Силите за заштита на народот ќе биде ограничена.
– Ние се однесуваме исклучително сериозно кон состојба кога наш сојузник во НАТО има каква и да е загриженост за сопствената безбедност, рече Тилерсон и истакна дека помошта за Салите за заштита на народот ќе биде ограничена и фокусирана на конкретни задачи.