Бројот на загинати во пожарите расте, уапсени 4 осомничени

  • Се затворивме во куќата. Ги спуштивме ролетните. На лицата имавме пешкири. Пеколот траеше еден час. Немам зборови да опишам што преживеавме.
  • Голема беше паниката зашто целата улица беше блокирана од автомобили. Викање, хистерија, се гледаше како ветрот го носи пожарот. Многу мирисаше. Небото беше црно.

Преживеаните на малото туристичко место Мати – вака се потсетуваат на пеколот на кој сведочеа од катастрофалниот пожар..Но, дел од нивните соседи не успеаа да се спасат.

  • Многу од нив одлучија да стигнат до морето што се наоѓа само на еден блок подолу. Но, не знаеја дека има одрони, и поради тоа останаа заглавени. Стихијата ги опколи. Немаа излез…

Мати повеќе не постои. Уништени се повеќе од илјада згради и над 300 автомобили…Еден од жителите опишува за огнените јазици кои ги следеле додека трчале кон морето, а пожарот им ги изгорел грбовите.

Потрагата за преживеани трае и денеска. Спасувачите ги пребаруваат куќите, автомобилите и брегот, а се остварија и стравувањата дека бројот на жртвите во оваа трагедија ќе расте. Според последните податоци, животот го загубија 80 луѓе. Невозможно е да се одреди колку се исчезнати. Роднините објавуваат нивни фотографии во надеж дека ќе се дознае каде се наоѓаат. Крајбрежната стража патролира и ги спасува сите оние кои побегнале до оддалечените плажи и заливи. Од таму се извлечени над 700-тини луѓе.  Огнената стихија се уште е активна уште на две места…

Во меѓувреме, полицијата уапси четворица кои се осомничени дека подметнале еден од пожарите. Уапсените се на возраст од 22 до 26 години, се криеле од пожарот во една напуштена куќа.

Знамињата низ цела Грција се спуштени на половина копје. Иако, ситуацијата е смирена, во воздухот се чувствува напнатост. На Синтагма во Атина се донира крв, се испраќа храна, лекови, а одобрен е дополнителен пакет од 20 милиони евра за најпогодените подрачја. Додека светот ја потврдува својата солидарност, Врховниот суд ги истражува причините за оваа трагедија, како и индициите дека државната помош стигнала доцна, и дека за вакви ситуации градовите немале планови за евакуација, но и фактот дека голем дел од уништените куќи биле дивоградби покрај брегот.

 

Алиса Шутиноска

 

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ