Бројот на загинати во калифорниските пожари продолжува да расте

Бројот на загинати во пожарите кои ја зафатија северна Калифорнија се зголеми на 42 лица, со што стана најсмртоносниот во историјата на американската сојузна држава. Доцна синоќа пожарникарите открија уште 13 тела на жртви од огнената стихија. 228 лица се уште се водат како исчезнати во пожарите кои уништија 7200 објекти, додека 15.500 објекти се под закана да бидат проголтани од пламенот.

„Страшно е тоа што го земате здраво за готово секој ден, да бидете во можност да се одморите во кревет, и го снемува знаете,“ вели жител на Парадајс.

Тринаесетте нови жертви беа пронајдени во изгорени автомобили, меѓу урнатините на нивните домови или во близина на нивните автомобили. Тие ги загубиле своите животи задушувајќи се од чад или биле зафатени од огнот пред да стигнат до возилата со цел за да избегаат.

„Огнот гореше од една куќа на друга, па на друга додека речиси сите не ги снема,“ вели Патрик Кнудсон, жител на Парадајс.

Повеќе од 300.000 жители на Калифорнија беа приморани да ги напуштат своите домови додека американскиот претседател Доналд Трамп ја прогласи голема катастрофа во државата.

Шумските пожари не се непознати за Калифорнија, но историски гледано, периодот на пожарите трае од почетокот на летото до раната есен. Сега, според експертите, ризикот од шумски пожари постои во текот на целата година. Причината за ова тие ја лоцираат во повеќе фактори, меѓу кои глобалното затоплување, временските прилики како и зголемувањето на популацијата, која за 50 години се зголеми двојно, од 20 милиони во 1970 година на 40 милиони во 2018 што придонесува за ширење на населените места се поблиску до калифорниските шуми.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ