Бројот на починати во САД надмина 21.000, прогласена состојба на голема катастрофа

Со 1.830 починати во последните 24 часа САД ја надминаа Италија во бројот на смртни случаи од Ковид-19. Забележувајќи по 30-тина илјади случаи дневно во изминативе 10 денови, бројот на заболени во САД надминува 530.000, четири пати повеќе од втората најпогодена држава во светот Шпанија со 166.000. Во САД има повеќе од 21.700 починати од почетокот на епидемијата поради што состојба на голема катастрофа е прогласена во сите сојузни држави, прв пат во историјата на земјата. Безмалку половина од починатите во САД се од сојузната држава Њујорк која е најпогодена со повеќе од 181.000 заболени и токму поради тоа локалните власти одлучија да ги затворат училиштата до крајот на учебната година.

Ќе биде ли праведно кон целата просветна заедница да ги отвориме нашите училишта во тој момент, било кога од сега до крајот на јуни. И по многу внимателно разгледување денеска објавувам дека во градот Њујорк државните училишта ќе останат затворени до крајот на оваа учебна година, соопшти градоначалникот Бил Де Бласио.

Со објавувањето на денешните податоци Обединетото Кралство исто така ја помина границата од 10.000 смртни случаи во земјата каде исто така има над 84.000 заболени. Денеска по една недела лекување од кои три денови на интензивна нега, премиерот Борис Џонсон беше пуштен од болницата Сент Томас. Тој им се заблагодари на лекарите и медицинскиот персонал затоа што му го спасиле животот, но и на сите британски граѓани кои ги почитуваат мерките и владините насоки.

Ви благодарам затоа што милиони и милиони луѓе ширум државата ја прават вистинската работа. Милиони поминуваат низ тешкотиите на самоизолација, верно, трпеливо, мислејќи и грижејќи се за другите, како и за себе, порача Џонсон.

Најпогодените европски држави како Италија, Шпанија, Германија и Франција изминатава недела забележуваат секојдневно помалку случаи на новозаболени и починати, што дава надеж дека пикот на вирусот на Стариот континент е надминат. Дел од државите најавија и постепено релаксирање на мерките од идната недела, но СЗО ги предупреди дека тоа треба да биде направено внимателно за да не предизвикаат нов бран на новозаболени.

На глобално ниво до сега има повеќе од 1.806.000 заболени во 210 држави а бројот на починати надминува 112.000.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ