Бројот на починати од корона вирусот во Европа надмина 100.000, но земјите полека ги ублажуваат рестриктивните мерки

Бројот на починати луѓе од корона вирусот во Европа надмина сто илјади. Со речиси 24 илјади жртви Италија останува првата земја на стариот континент по смртноста, а следуваат Шпанија, Франција, Велика Британија и Белгија. Половина од заболените во светот, поточно еден милион и 85 илјади се во Европа.

Но, надежта се зголемува со фактот што речиси 600-тини илјади луѓе оздравеле, а бројката на заболени во Италија и Шпанија веќе со денови се намалува. Италијанските власти се уште не размислуваат за ублажување на мерките, бидејќи новите случаи кои се јавуваат се во центрите за рехабилитација и во домовите за стари лица. Малото гратче Кампањано, во близина на Рим останува црвена зона, се до почетокот на мај. Половина од медицинските работници тука се заболени од КОВИД 19, а во домот за стари лица повеќе од половината штитеници се позитивни на вирусот.

  • Во моментов имаме 79 позитивни случаи потврдени од здравствената единица во Рим. Меѓу тие 79, мнозинството 72-ца се од рехабилитациониот центар Санта Мариа Дел Прато, центар за луѓе со психомоторни проблеми, а другите седум позитивни случаи не се поврзани со центарот.

Властите во Венеција размислуваат да промовираат т.н. интелигентен туризам, односно во градот да се примаат одреден број на гости кои сепак ќе имаат време за едукативно разгледување на градот, за разлика од френетичниот метеж.

Шпанија денеска забележа најголем пад на бројот на починати. Премиерот Санчез се согласи по шест неделен карантин да ги пушти само децата надвор, за како што рече, да земат свеж воздух. Но, само тоа. Бидејќи, земјата останува под клуч за уште десет дена од предвиденото, односно до 9 мај. Дел од европските земји кои не беа толку погодени со вирусот од понеделник најавија дека животот полека ќе се враќа во нормала.

Најмногу заразени речиси 740 илјади луѓе и повеќе од 39 илјади починати има во Соединетите американски држави, но претседателот Трамп помалку и автосугестивно ги убедува своите сограѓани дека веќе ја поминале најтешката фаза.

Во регионот. Во Србија и покрај тоа што расте бројот на заболени, властите најавија дека од вторник ќе можат да почнат со работа малите бизниси, а фабриките да се подготват за работа после први мај. „Почнуваме да работиме со полна пареа за со инвестиции да успееме да го сочуваме нашиот БДП за кој ММФ кажа дека че биде најголем во Европа“, порача српскиот претседател.

Бугарија се води како земја во Европа со мал број на заболени. Речиси 800 инфицирани од корна вирусот, но оваа бројка ја оспори еден од координаторите на кризниот штаб, кој рече дека властите веројатно пријавуваат двајца од секои седум инфицирани. Бугарите не се придржуваат до мерките за социјално дистанцирање. На излезот од Софија во петокот биле вратени пет илјади возила кои се обиделе да отпатуваат во своите викендички. Поради тоа, во главниот град е забранет и влезот и излезот.

 

Алиса Шутиноска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ