
Британските пратеници пресекоа, нема Брегзит без договор
Предлог законот на британската опозиција за спречување на Брегзит без договор е усвоен од Долниот дом на парламентот. Законот предвидува ново одложување на Брегзит во период од три месеци доколку до 19 октомври владата на Борис Џонсон не ги надмине разликите со Брисел за договорот за напуштање.
„Во истата недела кога владата објави дека ќе води рекламна кампања наречена „Подгответе се за Брегзит“ во исто време одбивајќи да објави било какви детали за тоа за што всушност треба да се подготвуваме“, вели Џастин Гренинг една од избрканите Ториевци.
Премиерот Борис Џонсон веднаш по објавувањето на резултатите оцени дека овој закон ефективно ги прекинува преговорите со Брисел, додавајќи дека сега има само еден пат по кој земјата може да оди. Претходно тој предупреди дека доколку законот биде усвоен ќе распише предвремени избори. Ториевците кои му останаа верни се закануваа дека ќе го одолговлекуваат процесот додека не се пробие рокот за дебата во парламентот.
„Јас не би го нарекол ова Договор за напуштање на унијата. Јас би го нарекол Договор за потчинетост на ЕУ“, оцени пратеникот од редовите на Ториевците Бил Кеш.
За време на гласањето на амандманите на предлог законот и пред почетокот на дебатата дали тој да оди на трето читање и последно гласање пред да биде поднесен во Домот на Лордовите се случи една комична грешка. Пратеникот од редовите на Лабуристите Стивен Кинок предложи амандман договорот на Тереза Меј да биде ставен на гласање уште еднаш. Во салата настана забуна и бидејќи истече времето а владата не го оспори, според процедурата тој беше усвоен. Сега договорот на Меј, која ја напушти премиерската функција пред повеќе од еден месец и кој беше три пати одбиен од истиот состав на парламентот, по грешка ќе добие нова и последна шанса.
Игор Трајков