
Британскиот парламент нема да работи следните пет недели
Британскиот парламент од денеска и официјално е суспендиран во следните пет недели, до 14-ти октомври, кога пратениците повторно ќе се вратат на своите клупи. Историски сцени се случуваа доцна синоќа во Долниот дом, и како наближуваше крајот стануваше се подраматично. Додека траеше церемонијата за пророгација, дел од пратениците, околу спикерот, држеа листови на кои пишуваше „ЗАМОЛЧЕНИ“.
Ова не е нормална пророгација, не е типична, стандардна, најдолга е во изминативе децении, и претставува, не само за моите колеги, туку и на многумина надвор, извршна одредба…Не е неред. Не ми треба совет од Вас г-дине Стјуарт. Ти си господар на нередот, човеку, рече Беркоу.
Додека, конзервативците ја напуштаа салата, опозицијата извикуваше засрамете се.
Ова беше крајот на долгата ноќ, пред Борис Џонсон да дожевее втор по ред пораз за предвремените избори, кои бараше да се одржат на 15-ти октомври. Опозицијата повторно одби, инистирајќи прво да се имплементира законот со кој би се спречило напуштање на ЕУ без договор. Новиот закон, кој е одобрен од Кралицата, му налага на Џонсон да бара одложување на Брегзит за три месеци. Но, тој категорично одбива.
Ќе одам во Брисел, нашата влада ќе оди во Брисел на 17-ти октомври и ќе преговара за заминување на 31-ви октомври, се надевам со договор, г-дине спикер, но и без ако треба. Нема да барам ново одложување. Нема да барам одложување, тврди Џонсон.
Опозицијата рече дека обидите на премиерот да преговаа со ЕУ се само фарса.
Премиерот знае, знае многу добро дека нема мандат за Брегзит без договор. За тоа нема мнозинство ниту во земјата, ниту поддршка во Парламентот. Но одбива да ги изнесе, одбива да покаже какви било предлози за да го избегне тоа, вели лидерот на Лабуристите Џереми Корбин.
За хаосот да биде поголем, а и драмата, спикерот Џон Беркоу, по 10-годишното ставање ред, се збогува од пратениците.
Заклучив дека најбезбедно и најдемократски би било да се повлечам и да престанам со работа во четврток, на 31-ви октомври… Немаше да го сторам тоа без поддршка на малиот, но извонреден тим во Парламентот, поголемиот дел од тимот, моите поддржувачи во Бакингам и пред се мојата сопруга Сели и нашите три деца, Оливер и Џемајма, рече Беркоу.
Неговата оставка предизвика аплауз, но само од опозициските клупи.
Кабинетот на Џонсон денеска повторно е на вонреден состанок, и дали ќе изнајде начи да не го испочитува законот останува да видиме. Во Брисел веќе почнаа да се фрустрираат од компликациите и хаосот околу Брегзит. Никој во ЕУ не сака да ја фрли Велика Британија, но се помалку се земјите кои ќе се согласат на нов продолжен рок.
Алиса Шутиноска