
Британската влада во хаос – Оставки на три министри – Ториевците ќе ја рушат Меј
Британската влада е буквално во хаос. По вчерашниот шестчасовен министерски маратон, британската влада и даде подршка на премиерката Меј за Брегзит договорот со ЕУ. Но, утрово нова криза, три министри од редовите на евроскептиците поднесоа оставки, ставајќи ја во сериозен ризик политичката иднина на Тереза Меј, но и цела Велика Британија. Министерот за Брегзит, за Северна Ирска и за тој за труд ја напуштија владата.
Најголемата загуба за Меј е министерот за Брегзит Доминик Раб, кој беше главен преговарач со ЕУ. Шокантен излез на министерот, оставка која не беше очекувана ниту најавена, и кој формално изјави дека не може да го прифати договорот и решението за Северна Ирска кое претставува реална закана по интегритетот на Велика Британија.
„Начинот на кој Северна Ирска се третира, и мислам дека ЕУ се однесува предаторски кон Северна Ирска, начинот на кој решија да не заклучат во економски режим без претставништво, без начини за излез и кои се во конфликт со ветувањата дадена на минатите избори, мислам дека биле разорни за јавната доверба во нашата демократија. Од тие причини, и само тие причини одлучив, при чиста совест, да се повлечам“, кажа Доминик Раб поранешен министер за Брегзит
Оставка поднесе и Шајлеш Вара, државниот министер во канцеларијата за Северна Ирска како и Естер Меквеј, министерот за труд и пензии. Не го прифаќаат компромисот околу Северна Ирска кој предвидува заеднички пазар со ЕУ на неопределено време, и која според нив, би ја поделило Велика Британија. Се очува да следуваат и дополнителни оставки од редовите на ториевците.
Лидерот на про Брегзит фракцијата во Конзеравативната партија Џејкоб Рис-Мог потврди дека поднел писмо за недоверба на премиерката Меј. Внатрешна битка меѓу ториевците која може да се одигра во следните недели.
„Тоа што ни треба е лидер кој и каже на ЕУ дека е невозможно да се подели Велика Британија. Конзервативната партија е полна талент и постај многу, многу луѓе, тоа ме прашавте по скалите надоле. Со кој сакате да почнам? Го имате Борис Џонсон и Дејвид Дејвис, го имаме Доминик Раб и Естер Меквеј, го имате Пени Мордон. Имате реки на талент внатре во конзервативната партија кои би биле многу способни да спроведат соодветен Брегзит“, кажа Џејков Рис-Мог
Сега Меј и договорот за Брегзит пропаѓаат во целосна несигурност и хаос. 21 министер ја напушти премиерката во овие неколку години. Премиерката е уметник за преживување во политиката, менувајќи ги постојано актерите, но дали ќе се спаси и овој пат? Особено дали ќе се спаси сега, кога конечниот датум 29 март 2019 година и опасноста од непостигнување договор, се повеќе се приближува. Хазардерството на Меј може да се претвори во пекол за целата земја.
Пред бунтот кој и се подготвува на Меј, реагираше главниот преговарач на ЕУ Мишел Барниер, кој кажа дека ќе останат смирени и методични, и кратко ја објасни ургетноста на ситуацијата.
„Немаме време за губење, немаме време за губење“, кажа Мишел Барниер
Нацрт договорот за британското повлекување од унијата ги содржи т.н прашања околу разводот. Во него е вклучена обврската за заштита на правата на граѓаните на унијата, кои работат, живеат или студираат во Британија и обратно. Исто така во него е предвиден и 21 месечен транзициски период по напуштањето на унијата во март 2019 и финансиската спогодба која изнесува меѓу 35 и 39 милијарди фунти, кои Лондон по напуштањето ќе му ги испати на Брисел. Најважно од се, за британската страна, во него е вклучен и таканаречениот „бекстоп“, со кој се гарантира дека нема да се вратат контролите на граничните премини меѓу Северна Ирска и Република Ирска, без разлика како ќе бидат уредени идните односи меѓу Велика Британија и ЕУ.
Ивор Мицковски