
Британската влада одлучува дали да го прифати нацрт-договорот на Меј за Брегзит
Клучен состанок на британската влада е закажан за попладневo. Премиерката Тереза Меј се обидува да ја добие поддршката од своите колеги за нацрт договорот за одвојувањето на Велика Британија од ЕУ.
Уверена сум дека нацрт-договорот значително не доближува до она за што британскиот народ гласаше на референдум. Ќе си ги вратиме контролата на нашите граници, закони и пари, ќе ја напуштиме заедничката риболовна и земјоделска политика, зачувувајќи ги работните места, безбедноста и интегритетот на Обединетото Кралство, рече премиерката.
Но, така не мисли опозицијата. За Лабуристите, драфт договорот нема економски призвук.
Договорот ги надминува и црвените линии на премиерката. Не е силен економски договор кој ги поддржува работните места и индустријата. И сите знаеме дека не се подготвени за ситуација ако нема договор. Па, дали премиерката се уште има намера да го стави лажниот избор пред парламентот – лош договор или никаков договор, вели опозицискиот лидер Џереми Корбин.
Меј до доцна во ноќта еден по еден ги повикуваше министрите во Даунинг Стрит 10, и ги брифираше за тоа што веќе е договорено и со Брисел. Наводно и Лондон и Брисел се согласиле за најважното прашање, а тоа е ирската граница. Двете страни се договориле и натаму да нема царински препреки со Ирска. Но, дел од нејзините сопартијци се уште се со резерва. Сметаат дека премиерката на ЕУ и дава се што ќе побара, и со тоа останува роб на Брисел. Од самиот почеток на преговорите, десетина владини функционери поднесоа оставки, неодобрувајќи ја политиката на Меј.
По „смешките“ во изминативе две години од преговорите, премиерката треба да се погледне себеси за ова. Не успеа баш да убеди многумина зад неа, тврди Корбин.
Како и да е, Меј вели дека министрите попладнево ќе одлучат во интерес на државата. Ако кабинетот го поддржи договорот, истиот ќе биде одобрен од Брисел на самитот на крај од месецот. Потоа, Меј ќе бара поддршка од парламентот, каде следи жестока дебата посебно од заговарачите за остаток во унијата.
Алиса Шутиноска