
Британската влада и премиерката Тереза Меј ја преживеаа кризата
Британската премиерка ги преживеа вчерашните политички потреси кои ја зафатија нејзината влада по оставките на клучни функционери кои го водеа Брегзит. Меј успеа политички да го преживее и состанокот со пратениците од нејзината партија кои и покрај нескриените напори не успеаа да ги соберат потребните 48 пратенички потписи за гласање недоверба. Иронијата е што некогашните противници на напуштањето на унијата Џереми Хант и Доминик Рааб го преземаат Брегзит од неговите зачетници, Борис Џонсон и Дејвид Дејвис, засилувајќи ги обвинувањата дека Меј ја предала каузата.
„Одговорната влада мора да се подготви за низа потенцијални исходи, вклучувајќи ја можноста да нема договор. Земајќи го во предвид краткиот период до завршувањето на преговорите, кабинетот одлучи во петок дека овие подготовки мора да бидат забрзани“, порача Меј.
Меј ги повика Ториевците кои остро се противат на планот од Чекерс, кој и ја предизвика оваа криза да се обединат позади неа, затоа што доколку ја турнат владата ќе му ја подарат власта на Џереми Корбин и неговите Лабуристи. Новите министри побрзаа да ја искажат својата подршка за планот на Меј.
„Мојата начелна работа во ова време од огромна важност за нашата земја е да застанам недвосмилено зад премиерката, за да можеме да постигнеме договор со ЕУ врз основа на она што беше договорено од страна на кабинетот минатата недела во Чекерс“, вели новиот министер за надворешни Џереми Хант.
Велика Британија и ЕУ ги договараат условите под кои Лондон ќе ја напушти унијата повеќе од една година. Планот од Чекерс, кој речиси ја турна владата на Меј затоа што, според Ториевците прави огромни остапки, се уште не ни стигнал до Брисел на разгледување. Комисијата најверојатно и ќе го одбие кога официјално ќе и биде доставен, затоа што ги содржи истите начела кои Лондон се обиде преку преговорите да ги избори а кои ЕК ги смета за пребирање. Брисел преку директни и индиректни канали и порача на британската влада дека нема да ги жртвува заедничкиот пазар и царинската унија за подобри билатерални односи со Лондон.
Игор Трајков