
Британија и САД со истраги за „Кембриџ аналитика“
Властите во Велика Британија и САД испитуваат дали Кембриџ аналитика ги користела нелегално прибраните податоци од Фејсбук за да влијае врз изборите во САД во 2016 година.
Кривичната истрага за тоа дали изборниот штаб на Трамп има врска со Русија и дали ја попречувал правдата ја води специјалниот обвинител Роберт Мјулер.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера одново потврди дека е подготвен да сведочи пред Мјулер, во врска со истрагата за руското мешање во претседателските избори во САД во 2016 година.
Штабот на Трамп се дистанцира од Кембриџ аналитика, која ја финансирале донатори од Републиканската партија и која извесно време го вработила Стив Бенон, кој стана шеф на штабот, а потоа советник во Белата куќа.
Кембриџ аналитика повеќе пати му нудела работа на штабот на Трамп, прво во 2015 година, но челните луѓе од штабот ја одбиле понудата, мислејќи дека Трамп не е подготвен да издвои значителна сума за компанијата за податоци, наведуваат поранешни официјални лица од штабот.
Компанијата потоа работела за ривалите на Трамп од Републиканската партија, а кога Трамп стана кандидат за претседателските избори, повторно излегла со понуда.
Во меѓувреме се сменија челниците на штабот и понудата е прифатена, дел како пријателски гест кон семејството Мерсер, големи донатори на Републиканската партија, кои неколку години го финансирале отпочнувањето на Кембриџ аналитика.
Податоците на Федералната изборна комисија покажува дека штабот на Трамп и платил на Кембриџ аналитика околу шест милиони долари. Најголемата исплата била на 1 септември 2016 година, две недели откако Бенон дошол на чело на штабот.
„Свиркачот“ Крис Вили, кој работел во Кембриџ аналитика, рекол дека компанијата ја испробувала фразата „да се исуши мочуриштето“ и „дип стејт“, пред Трамп да ја покрене кампањата. Тој таа фраза ја употреби во својот важен говор, набрзо откако Бенон се приклучи на кампањата.
Вили рекол дека стравува оти податоците им се предадени на Русите, кои имале намера да се мешаат во изборите.
Британската консултантска компанија, која деновиве е во центар на скандалот, заедно со Фејсбук, поради незаконско прибирање на милиони податоци во време на претседателските избори во САД, сега се спомнува и во контекст на обработка на податоците пред гласањето на Британците за излез од ЕУ.
Претставници на фирмата Кембриџ аналитика се состанувале неколку пати, па дури и држеле заеднички прес конференции со лидерите на движењето „Напуштете ја ЕУ“. Тие заедно работеле на кампањата Брегзит во 2016 година.
Сега двете страни „ги мијат рацете”, односно негираат дека дошло до официјалната соработка, односно дека не е потпишан ниту еден деловен документ.
Дека имало соработка, тврди Арон Бенкс, еден од основачите на групата „Напуштете ја ЕУ“, кој во својата книга наведе дека неговата група од 2015 година ја ангажирала Кембриџ аналитика, како компанија со огромна база на податоци и софистицирани начини да влијаат на луѓето.
Исто така е наведено дека таа компанија требала да помогне во кампањата, со цел што е можно повеќе гласачи да се одлучат за опцијата за британско напуштање на ЕУ.
Речиси истовремено, тогашниот директор на Кембриџ аналитика зборуваше на прес-конференцијата „Да ја напуштиме”.
Во февруари 2016 година, извршниот директор на Кембриџ аналитика во магазинот на компанијата напиша дека фирмата обезбедила работа во Британија – дека ќе работи за „Да ја напуштиме ЕУ”.
Сегашното раководство на движењето негира дека дошло до каков било договор. Внимателни станале и во Кембриџ аналитика, чие раководство се правдало дека текстот во списанието на компанијата бил само добар ПР и дека компанијата, всушност, само се надевала дека ќе дојде вистинската соработка.
Во секој случај, во Британија веќе е покрената истрага за можното влијание на Кембриџ аналитика врз резултатите од гласањето за Брегзит. На сослушување веќе беа од „Да ја напуштиме ЕУ” и од Кембриџ аналитика.