Брисел и Лондон ги извадија „дипломатските ракавици“ за Брегзит

Во пресрет на финалната етапа за изборот на нов британски премиер се заостри тонот меѓу европските и британските претставници за Брегзит. Првиот заменик претседател на ЕК Франс Тимерманс во гостување на БиБиСи ги нарече „група идиоти кои само трчаат наоколу“, британските министри на почетокот на преговорите за Брегзит. Тимерманс додаде и дека бил изненаден колку британците неподготвени ги започнале преговорите во 2017 година. И покрај тоа договор за Брегзит беше постигнат иако не можеше да помине во британскиот прламент, што пак ја принуди премиерката Меј да поднесе оставка.

„Мислам дека позицијата на ЕУ е јасна, имаме договор со Обединетото Кралство и ќе се придржуваме до тој договор и ќе го почекаме новиот премиер и ќе видиме што сака Обединетото Кралство“, тврди Тимерманс.

Неговите коментари предизвикаа гневни реакции на Островото.

„Мислам дека г-динот Тимерманс треба да престане со детските навреди и ако сака да биде толку голем фан на „Татковска армија“ ќе го препознае одговорот на капетан Меинваринг на таквите коментари – „глупаво момче“, вели Мартин Каланан од британското Министерство за напуштање на ЕУ.

Главниот европски преговарач Мишел Барние кој исто така гостуваше на БиБиСи им порача на Британците да престанат да се закануваат дека ќе излезат од унијата без договор додавајќи дека таквата закана во Брисел никогаш не била сфатена сериозно. Сепак двајцата претенденти за наследник на Тереза Меј, Борис Џонсон и Џереми Хант ја застапуваат тезата за повторно отварање на преговорите или напуштање без договор. Такво нешто меѓутоа не доаѓа во предвид за Брисел.

„Не сакаме да започнеме нови преговори за напуштање на унијата. Ги затворивме, ги завршивме овие преговори и ако на британската влада и е потребно повеќе време, тоа е во ред“, вели германскиот министер за надворешни работи Михаел Рот.

Дека Брисел од самиот почеток настојува процесот да не се брза сведочи и изјавата на заменикот на Меј, Дејвид Лидингтон, кој откри дека во 2018 британската влада преку висок европски функционер добила понуда Брегзит да биде замрзнат за 5 години. Понудата била пренесена од Мартин Селмер, близок соработник на сега веќе поранешниот претседател на ЕК Жан Клод Јункер, кој рекол дека периодот би бил искористен за нови преговори и постигнување нов договор кој би им одговарал на сите.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ