Брисел бара во Албанија сепак да има локални избори на крајот од јуни

Албанскиот претседател Илир Мета останува на ставот дека локалните избори нема да се одржат на 30-ти јуни, туку на некој друг датум кога ситуацијата во земјата ќе се смири. Мета, во новото вонредно обраќање објасни дека Уставот му дозволува да стави вето за спроведување на избори. Но, поради ова владејачкото мнозинство во четврток во парламентот ќе расправа за негово разрешување.

„Не разбирам. Дали ви е поважно решавањето на кризата или моето разрешување? Ако е само за смена на претседателот, тоа е многу лесно. Еве да ја решиме кризата, поднесувам оставка. Нема проблем, изјави Мета.

Нудејќи ја својата оставка, албанскиот претседател рече дека е подготвен на таа жртва, но дека локални избори нема да распише, за да се избегне граѓанскиот судир во земјата, која според него се повеќе се одалечува од добивањето датум за почеток на преговори со ЕУ.

Но, на премиерот Еди Рама денеска му беше потврдено во Брисел дека Албанија ги спровела реформите и заедно со Северна Македонија треба да добијат датум за почеток на преговори со ЕУ. Жан Клод Јункер порача дека во земјата никој не смее да ги забрани слободните избори.

  • Ако изборите треба да се случат, никој не треба да ги спречува граѓаните да ја изразат своето политичко и демократско мислење. Нема да се мешаме во овој процес, изборите треба да се случат, но ако не се случат – тоа ќе влијае на европската перспектива на Албанија, порача Јункер. 

Јункер рече дека не инсистира на датум во јуни, бидејќи за некои земји членки тоа е невозможно, но очекува да се додели датум во наредните месеци. Не сака да се меша во домашната расправа меѓу претседателот и владата, тоа како што рече е внатрешно прашање. И премиерот Рама не сакаше да ги коментира потезите на Илир Мета, и најавата за неговата оставка.

  • Се извинувам, тука сум за да го искористам најдобро што можам врмето со комесарот, сега немам време да одговарам за претседателот на земјата. Ќе имаме време кога ќе ја завршам мојата мисија тука, да се заблагодарам на Комисијата и да се вратам назад, изјави Рама. 

Рама не сакаше отворено да коментира, но преку социјалните мрежи му порача на Мета дека – избори ќе има на 30-ти јуни, во спротивно прстот ќе биде вперен во претседателот за застојот на Албанија на европскиот пат.

 

Алиса Шутиноска

 

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ