Брегзитот започна

30 март 2019 година на овој датум веќе ништо нема да биде исто во Европска унија. Иако денешниот вонреден самит траеше не повеќе од еден час, поминаа година и пол додека европските лидери и Британија да се договорат за деталите околу разводот. Не е време да се наздрави со чаша шампањско ова е „тажен ден“ за Европа, ова беа првите зборови на Јункер по состанокот.

  • Ова е ден кога сме задоволни од резултатот што го постигнавме. Но, ова е многу тажен ден. Да ја видите земјата како што е Обединетото Кралство далеку од сите земји на Европската унија, како ја напушта ЕУ, не е ден за да се наздрави со чаша шампањско или да се аплаудира. Ова е тажен ден, рече Жан-Клод Јункер, Претседател на Европската комисија.

За разлика од емотивниот настап на Јункер, Туск беше повоздржан и строго протоколарен, истакнувајќи ја решеноста на унијата да остане во блиско партнерство со Британија.

  • Европскиот совет ја одобри политичката декларација со која се утврдува рамката за идниот однос помеѓу ЕУ и Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска. Европскиот совет ја повтори решеноста на унијата да има што е можно поблиско партнерство со Обединетото Кралство во иднина, истакна Доналд Туск, претседател на Европскиот совет.

Иако со тесно мнозинство сепак мноштвото Британци рекоа „да“ за излез од унијата во 2016, нивните опортунисти денеска допатуваа дури во Брисел со своите пораки на транспарентите да им извршат притисок на челниците на ЕУ да ја сочуваат унијата единствена. Но, залудно.

  • Јас сум тука со сите овие луѓе, од кои многумина дојдоа на автобуси од Британија за да покажат дека се уште постои силна опозиција за Брекзит во Британија. Всушност, јавното мислење се чини дека се сврте против Брегзит и секоја демократска влада треба да води сметка на тоа, вели Ричард Корбет, водач на Лабуристичката партија во Парламентот на ЕУ.

По зеленото светло од 28-те европски лидери на почетокот на идниот месец исцрпената Меј чека да се дигне рампата и во британскиот парламент. Таа денеска задоволна по успешно завршената мисија ги наброја трите клучни придобивки- контрола на границите, контрола над законите, и најважното контрола над парите

  • Не е само ослободување од нашата членарина, а не е ни поголем буџетски попуст, туку крај на огромните годишни исплати што се испраќаат во ЕУ. Тоа е она што овој договор дава. Наместо тоа, ќе можеме да ги трошиме парите на даночните обврзници за нашите приоритети. Како 394 милиони фунти неделно како дополнителни инвестиции ние ќе вложуваме во нашето здравство, рече Меј.

Договорот беше одобрен откако Шпанија во последен момент ја повлече својата најава дека нема да гласа „за“ поради спорот околу Губралтар. Сега на 585 страници се напишани правните обврски и услови за повлекување на Велика Британија од ЕУ, тука стои и „алиментацијата“ од 39 милијарди фунти која треба да ја плати Лондон, правата на граѓаните и опцијата за Северна Ирска – границата да остане отворена ако прекинат трговските преговори. Оценката на многумина во Британија беше дека на тој начин Северна Ирска ќе стане „економска колонија на ЕУ“.

Билјана Ставрова

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ