Брегзит – Меј во обид да пронајде „план Б“

Британската премиерка Тереза Меј ќе се обиде со нови предлози кои се однесуваат на северноирската граница да го убеди незадоволното крило во нејзината Конзервативна партија и коалиционите партнери од Ирската унионистичка партија да го подржат договорот со Брисел. Се очекува британската премиерка да ги информира пратениците како планира да продолжи понатаму со повлекувањето на нејзината земја од ЕУ и кој е нејзиниот „план Б“.  Нејзиното појавување во Вестминстер со внимание ќе го проследат и во Бриселските ходници, каде потоа таа планира наскоро да се врати на нови разговори. Планот на Меј во суштина минимално се разликува од планот кој веќе пратениците го потопија минатат недела со рекорден број гласови против. Црвените линии на Меј останаа истите, договор со најголемата опозициска партија нема,

Меј појасни дека отворено е против купувањето на повеќе време и дека повлекувањето на членот 50 за излез од Унијата би значело останување во ЕУ или откажување од Брегзитот.

„Вистинскиот начин да се избегне Брегзит без договор е за овој Дом да изгласа договор со Европската унија. Тоа е нешто што владата се обидува да го постигне. Има други кои мислат дека тоа што ни треба е повеќе време, па оттука велат дека треба да го продолжиме членот 50 за да му дадеме време на Парламентот за дебата околу тоа како ќе излеземе и како договорот треба да изгледа“.

Меј подеднакво категорично се спротивстави на организирањето втор референдум, наведувајќи дека тој би ја минирал довербата во британскиот политички систем.

„Многупати ја изразив мојата длабока загриженост од враќањето кај народот за втор референдум. Наша должност е да ги спроведеме одлуките на првиот. Стравувам дека втор референдум би поставил тежок преседан кој би имал сериозни реперкусии околу тоа како се однесуваме со рефендумот во оваа земја, само зајакнувајќи ја позицијата на оние кои водат кампања за поделба на Велика Британија“.

Околу најтрнливото прашање, таканаречената „бекстоп“ клаузула која гарантира дека нема да има тврда граница помеѓу Република Ирска и Северна Ирска, ниту пак царинска зона, Меј потенцираше дека нема намера да го отвара мировниот договор од Белфаст. Таа ќе бара што е можно подобар домашен договор меѓу засеганатите страни, за потоа заклучоците да ги презентира пред ЕУ.

За „планот Б“ на Тереза Меј ќе се гласа наредниот вторник, за таа потоа да се обиде да преговара со Брисел. Но Европа, како што можеше да се види во последните месеци, не е расположена да отстапи ниту милиметар од договорот потпишан во ноември месец. Единствено каде Брисел би попуштил е во полтичката декларација, но јасно е дека таа, за разлика од замиот обемен договор, не е правно обрзувачка.

Калкулацијата на Меј е следната, ако Парламентот не пронајде договор, тогаш би се вратила во Европа барајќи „поголеми концесии“, додека дома би продолжила со својот дискурс, дека нејзиниот план е единствениот возможен. Со други зборови, Меј би останала на својата хазардерска позиција: „или мојот договор, или катастрофа“.

Стратегија која до сега се покажа како вистинска катастрофа.

Ивор Мицковски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ