
Борис Џонсон нов лидер на Конзервативна партија и иден Премиер на Велика Британија
Борис Џонсон, поранешниот градоначалник на Лондон и Министер за надворешни работи, беше избран за нов лидер на конзерватиците во гласањето на членовите на партијата и по автоматизам ќе ја наследи Тереза Меј и како иден Премиер на Обединетото Кралство.
Тој со големо мнозинство гласови 92 илјади наспроти 46 000 го порази актуелниот шеф на британската дипломатија, Џереми Хант.
Џонсон утре ќе влезе во Даунинг Стрит 10 и ќе ја преземе функцијата од Тереза Меј.
Во својот победнички говор, Џонсон ги лоцираше главните приоритети на неговата влада, кои ги ветуваше и во кампањата за нов лидер на Ториевците.
“Се сеќавате на мантрата на кампањата која штотуку ја завршивме, доколку сте ја заборавиле. Веројатно сте ја заборавиле. Тоа е: да го реализираме Брегзитот, да ја обединиме државата и да го поразиме Џереми Корбин. Токму тоа и ќе го направиме. Ќе го поразиме Џереми Корбин” – порача Џонсон.
Џонсон се заблагодари на својот претходник, Тереза Меј, за нејзината работа како лидер на конзервативците и Премиер на Велика Британија и вети дека енергично ќе ја раздвижи Велика Британија.
Џонсон беше министер за надворешни работи токму во владата на Меј и поднесе оставка заради несогласувањата околу Брегзитот.
“Денеска, во овој клучен момент во нашата историја, повторно мораме да ги помириме овие два инстинкти, две групи инстинкти. Помеѓу длабоката желба за пријателство и слободна трговија и заедничка поддршка во безбедноста и одбраната помеѓу Британија и нашите Европски партнери и истовремено желбата, подеднакво длабока и искрена за демократско само-владеење во оваа држава” – вели Џонсон.
Клучниот предизвик за Џонсон секако ќе биде прашањето како да се реализира Брегзитот. Во кампањата тој не ја отфрлаше ниту можноста за напуштање на ЕУ без договор, што наидува на жесток отпор на опозиционата Лабуристичка партија но и на дел од неговата Конзервативна партија.
Тројца членови на владата најавија и оставки, заради несогласувањето со ставот на Џонсон кон Брегзитот.
“Огромниот предизвик со кој ќе се соочи секој оној кој ќе дојде во Даунинг Стрит 10 речиси веднаш е фактот дека треба да смислат план за Брегзитот кој би можел да помине низ поделениот долен дом на Парламентот и кој може да ја задоволи партијата која го избрала и потоа да биде усогласен со Европската Унија. Тоа наликува на невозможна задача за секој Премиер” – оцени аналитичарот Алан Вејгер.
Очекуваниот конфликт кој Џонсон најверојатно ќе го има со европските лидери спеак не значи дека ќе остане без пријатели во меѓународната политика.
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска прв му честиташе за победата преку својот Твитер профил, порачиувајќи дека Џонсон ќе биде одличен.
Никола Илиевски