Борел оди за Приштина и Белград во обид да го рестартира диајлогот

Високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Јосеп Борел, на крајот на оваа недела ќе ги посети Косово и Србија во обид да го рестартира дијалогот меѓу двете страни, потврди портпаролот на Борел, Питер Стано.

Целта на оваа мисија е да покаже дека е посветен и да се обиде се што е можно да го олесни дијалогот, рече Стано.

Ова ќе биде прва посета на новиот шеф на европската дипломатија во регионот. Борел прво ќе ја посети Приштина, а потоа Белград.

Дијалогот за нормализирање на односите меѓу двете страни е закочен веќе година и половина поради царините што ги воведе Косово врз српските производи. Европските дипломати се надеваат дека ќе успеат да изнајдат решение со новата косовска Влада за надминување на овој спор, што е предуслов за Белград повторно да се ангажира во преговорите.

Стано ги отфрли шпекулациите дека постојат разлики помеѓу ЕУ и САД околу дијалогот Белград – Приштина поради тоа што не е планирано Борел да се сретне со американскиот претставник задолжен за дијалогот, за време на неговиот престој во Берлин.

Одблиску работиме со САД на Западен Балкан, затоа што имаме слична агенда, рече Стано. Контактите се постојани се американските партнери, а ако високиот претставник нема време да се сретне со американскиот  амбасадор тоа не значи дека нема комуникација помеѓу ЕУ и САД на многу други соодветни нивоа.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ