Бомби за политичарите и медиумите – Клима на терор и стратегија на тензии на 12 дена од изборите во САД

Растe политичката тензија во САД на две недели од мидтерм изборите за Конгресот. По пакетот бомба испратен вчера на адресата на милијардерот Џорџ Сорос, нови две сомнителни пратки наменети за eкс-претседателот Барак Обама и за Хилари Клинтон, денеска се пресретнати од тајната служба.

Во меѓувреме Тајм Ворнер Центарот во Њујорк и канцелариите на редакцијата на ЦНН се евакуирани поради сомнеж од сомнителна пратка. Според внатрешни извори, сомнителниот пакет бил адресиран до ексдиректорот на ЦИА, Џон Бренан, инаку отворен критичар на претседателот Доналд Трамп.

Пакетот содржел бел прав, опишан како сомнителен, додека експлозивната направа била активна, изјави шефот на њујоршката на полиција.

„Имаше и плико кое содржеше бел прав кој беше откриен како дел од оригиналното пакување. На сред истрага сме околу тоа. Целата зона беше помината со кучиња и опрема, и не беа пронајдени дополнителни закани покрај белиот прав. Работејќи заедно со нашите полициски партнери реагиравме брзо за да го обезбедиме местото на настанот. Полицијата на Њујорк моментално распоредува ресурси околу градот презмајќи мерки за претпазливост“.

Според истрагата, првиот пакет бомба бил пресретнат синоќа од страна на техничко лице кое ја проверува поштата за семејството Клинтон. Експлозивната направа била многу слична и на онаа испратена до Сорос. Станува збор за цефка полна со екплозивна прашина, која потоа била разнесена од кримтехниката. И во давата случаи никој не презеде одговорност. Неколку часа подоцна нов пакет овој пат на адресата на Обама. Полицијата се сомнева дека испраќачот на експлозивните пакети е едно единствено лице или група на индивидуи.

Поранешната прва дама на САД и противкандидат на Трамп на претседателскит избори во 2016-та година, Хилари Клинтон, и се заблагодари на тајната служба.

„Добри сме, благодарение на мажите и жените во тајната служба кои го пресретнаа пакетот адресиран до нас, уште пред тој да пристигне во нашиот дом“.

„Но, проблематични времиња се, нели?! Ова се времиња на длабоки поделби и мораме да направиме се што можеме да ја обединиме земјата. Исто така, мораме да избереме кандидати кои ќе се обидат да го направат истото“.

И повеќе од проблематични се времињата во САД, каде политичките поделби водат до се поголема општествена, етничка и социјална нетрпеливост. Оваа серија на експлозивни пакети, за среќа без последици, доаѓа во клучен момент пред изборите, кои се сфатени како еден вид на референдум за Трамп. Оттука тензичката клима особено после вакви антидемократски предупредувања, опасно расте. Клима во која една стратегија на тензии, провокации и параноја, лесно можат да бидат инструментализирани за политички цели.

Поради тоа и политиката во Њујорк покажа знаци на стишување на зборовите и тензијата, со цел да не се испровоцира насилство, омраза, поделби или напади врз медиумите. Тоа е и дел од пораката на градоначалникот Де Блазио, запрашан дали има порака до Трамп во светло на последните настани.

„Тоа што го видовме денеска е обид за терор. Станува збор за терористички акт, насочен кон минирање на слободата на печатот и лидерите на оваа земја преку насилни дела. Сакам јасно да соопштам дека луѓето во Њујорк нема да бидат заплашени“.

Белата Куќа го осуди гестот со пратките, нарекувајќи го терористички, додавајќи дека одговорните ќе се соочат со законот.

Белата куќа, без разлика колку Трамп ужива во политичкиот хаос и тензија, ќе мора да се соочи со оваа стратегија на терор и тензија, и враќањето во Америка на домашниот тероризам, мејд ин Америка.

Без избрзани заклучоци и со должна претпазливост, сепак останува фактот дека тој што решил да создаде клима на тензија, тоа го направи удирајќи само во една насока, онаа критички настроената кон Трамп.

Ивор Мицковски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ