
Билд: Нарко босови му помагале на Рама да ги добие изборите
Албанското обвинителство отвори истрага откако германскиот весник Билд објави шест аудио снимки во кои мафијашки нарко – групи биле директно вклучени во купување на гласови за премиерот Еди Рама да ги добие изборите во 2017-та година.
За албанската влада, весникот е „поткупен медиум“, а Рама демантира дека разговорите се наместени. Аудио-снимките се дел од истрагата која ја отворила албанската полиција и не се достапни за јавноста, а делови не смееле ни да се најдат во пишани документи, па весникот пишува дека луѓето кои биле вклучени во овој случај не живеат веќе во Албанија.
Обвинителството ќе истражува како снимките воопшто излегле во јавноста, но се чини дека транскриптите протекле од истрагата која е водена за трговија со наркотици, но се однесува на активностите на мафијашките шефови за време на предизборната кампања во 2017-та.
Нарко-босот Астрит Авдиљај е главен на аудио-снимките, а според високотиражниот весник тој е и главниот извршител во собирањето на гласови за Рама.
- Утре кога ќе имаш време сакам да позбориме, да ја проверам листата на вработени што ги имаш и оние кои се против, оние кои можеби кај тебе се за Демократската партија. Ме разбираш?
- Те разбрав.
- Ги сакам сите имиња што се против тебе.
- Ги сортирав, ги имаш сите комплетирано.
- Е така, тоа ми треба.
- Ги сортирав претходно.
- Кога ќе имаш време, да ги собереме и малку да ги „растресеме“. Ако сакаат да си ги задржат работните места, ќе ни го дадат гласот, или ќе си одат дома…
- Нема дискусија за тоа. Ги имаш сортирано, се сум ти подготвил. Дури и оние кои неодамна се примени и оние кои работат. Се имам на компјутер.
Во другите пет снимки, нарко босот разговара со градоначалникот на Драч и договараат кој од Социјалистичката партија ќе влезе во собранието…
Авдиљај е шеф на нарко-банда од најмалку 40 членови, кои ја организраат меѓународната трговија со наркотици во регионот околу Драч. За залагањето за политичката кампања на партијата на Рама е пуштен од затвор, наводно поради тоа што страда од депресија. Шокантните снимки дополнително ја разгореа политичката криза во земјата, каде со месеци опозицијата бара оставка од Рама, обвинувајќи го за криминал и корупција, но и за блиски врски со албанското подземје и наместени избори. По скандалот, опозицијата побара во рок од 24 часа Рама да си поднесе оставка, бидејќи како што велат прислушкуваните разговори се доказ дека земката е заробена од криминалци.
Алиса Шутиноска