Безбедно извлечени четири момчиња од пештерата во северен Тајланд

Четири момчиња по две недели повторно дишат свеж воздух. За нив заврши голготата, а останатите заглавени деца во пештерата во Тајланд ќе почекаат најмалку до утре. Едно од извлечените деца со амбулантно возило е однесено во болница, а другите три со хеликоптер.

Работата на спасувачите ја комплицираше поројниот монсунски дожд во близина на надземните влезови на пештерата. Операцијата на екипите беше прекината откако завршија залихите на кислород па иако две деца беа на половина пат да бидат спасени, спасувачите мораа да ги вратат назад во пештерата.

Нуркачите кои изминатите денови им носеа храна во пештерата, ги извлекуваа заглавените еден по еден.

„Денес влеговме во втората и третата фаза од операцијата, а тоа е спасување на заглавените во пештерата и нивно закрепнување. Извлековме четворица и безбедно ги пренесовме во болницата во Чианг Раи“ кажа Наронгсак Осатанакорн, заменик вршител на должноста гувернер на областа Чианг Раи.

Секое дете е придружувано од двајца нуркачи. Откако спасувачите ќе ги извадат и останатите од пештерата кадешто се наоѓаат во моментов, тие ќе бидат изнесувани до простор меѓу карпите каде нема насобрано вода и од каде што може пешки да се оди до излезот.

„Ако ме прашувате кога ќе се одвива следната операција, не можам да одговарам конкретно. Но, би требало да биде за околу десет часа, не повеќе од дваесет. Но, мораме најпрво да ги анализираме условите и да се осигураме дека се е стабилно како што беше денес. Ако се е во ред и ние сме сигурни во тоа, ќе продолжиме со операцијата“ кажа Наронгсак Осатанакорн, заменик вршител на должноста гувернер на областа Чианг Раи.

И останатите деца ќе бидат спасувани со јаже. Тие ќе бидат извлечени во групи по двајца, а во последната ќе биде тренерот.

Потребно е да се обноват залихите на кислород за екипите да бидат целосно подготвени за вадење и на преостанатите девет заглавени во внатрешноста на пештерата.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ