Баварија гласа – Демохристијаните во криза како никогаш досега

Навивачите на Баерн Минхен знаат, на баварски се вика „Миа сан Миа“, или ние сме ние. Тоа е идентитетското мото на Баварија во однос на остатокот на Германија, и не само. Меѓу симболите на таа различност и посебност постои и една партија, демохристијанската и конзервативна ЦСУ, која постои само во Баварија и Берлин, иако нејзнината поголема сестра ЦДУ, заедно со мајката Меркел, владее со години со речиси цела Германија.

ЦСУ владее без прекин со регионот од крајот на втората светска војна, и настрана кратките влади на социјалдемократа Хогнер во 45-46 и 54-55, од 1966 година го држи апсолутното мнозинство во регионалниот парламент, повторно со ркаток исклучок од 2008-до 2013 кога владееја либералите. Денес, во клучната Баварија и по судбината на Ангела Меркел се одржуваат избори. И овој пат, демохристијаните ризикуваат да го добијат најлошиот резултат во својата историја.

„Моите надежи и желби се дека ЦСУ ќе продолжи да владее, можеби дури и со апсолутно мнозинство, за Баварија да остане силна, затоа што ми се допаѓа тука, ова е мојот дом и добро ни оди веќе 50 години, треба така и да продолжиме“.

Изборите во Баварија може да го обележат крајот на една ера, со силни ефекти и по престолнината Берлин, каде кршливиот владин баланс после федералните избори од пред година дена, се одржува повеќе со конструктивна недоверба, отколку со некаква сила на коалицијата. Оттука, исходот од пораз на ЦСУ може да доведе до гласање на наедоверба за Меркел.

„Сакам фер резултати за сите и сакам да имаме промени, бидејќи е време за промени“.

Демохристијаните во најдобар случај ги очекува тешка коалиција со зелените, или уште потешка со Фраје Валер, партијата на слободните, либералконзервативци, евроскептици и традиционалисти.

Токму и овие две партии се очекуваат да бидат изненадувањето на овие избори, кои се хранат на кризата на социјалдемократите и се борат рамо до рамо со екстремните алтернативци за Германија, кои до пред 5 години, не ни постоеја во Баварија.

Кризата на ЦСУ не е врзана со работењето на актуелната власт, иако силно ќе влијае врз нејзината судбина. Баварија е еден од најбогатите региони на светот, со невработеност под 3 проценти, со економија која учествува со 18 проценти во БДП на Германија, и кој е поголем од оној на голем број земји членки во ЕУ. Оттука, вистински причини за политичко или социјално незадоволсво не постојат, на страна миграциската политика која создаде чувство дека границата на Германија е недискриминирано отворена. Но и покрај тоа, постои бран на промени и балканизација на консензусот кој се дели меѓу 7 партии, односно, луѓето едноставно сакаат промени.

Промени кои може да го обележат крајот на една епоха, и крајот на неверојатната доминација на фрау Меркел.

Ивор Мицковски

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ