
Баша го предупреди Рама: Ќе се молиш да ја имаш судбината на Груевски
Пред денешниот петти голем протест на обединетата албанска опозиција, синоќа лидерот на Демократската партија, Љуљзим Баша му порача на премиерот Еди Рама да не се прави силен, бидејќи во „најдобар случај ќе се моли да ја има судбината на Никола Груевски“. Сакам јасно да му порачам на лидерот на хунтата на власт: „Не ја преминувај границата. Не се прави силен со оклопни возила и солзавец. Заборави дека можеш да дојдеш и да бидеш на власт со насилство. Во најдобар случај ќе се молиш да ја имаш судбината на Никола Груевски, изјави Баша. Тој го нарече Еди Рама балкански Марудо чии денови се избројани, рече дека на денешните протести власта ќе се соочи со соодветен одговор на насилствата.
Албанскиот премиер Еди Рама еден ден по седумчасовнот протест на опозицијата кој беше пропратен со тензии, насилни акти и судир со полицијата, се чини ни најмалку не помислува да ги прифати барањата на опозицијата за негово заминување и да го отстапи местото на преодна влада која ќе организира предвремени избори. Тој и се заблагодари на полицијата за умерената акција истакнувајќи дека нема жртви во насилствата потсети дека во 2011 имало четири жртви.
Рама ја повтори поканата за дијалог до, како што го вели за опозициониот лидер Баша „неговиот пријател изгубен низ улиците“ и го обвини претседателот на државата Илир Мета дека никогаш не го повикал да разговараат за изнаоѓање решение за кризата.
Рама е категоричен дека локалните избори на 30 јуни ќе бидат спроведени а секој кој ќе се се обиде да го попречи гласањето и во само едно гласачко место ќе добие казна според кривичниот закон.
Билјана Стварова