Барние го предупреди Лондон дека мора да ги почитува ЕУ стандардите по Брегзит

На среда зад затворени врати со европските пратеници вчера, шефот на европскиот преговарачки тим за Брегзит, Мишел Барние, предупредил дека идната британска влада ќе мора да ги почитува регулаторните стандарди на ЕУ ако сака да постигне трговски договор во иднина.

Проблемот околу ЕУ стандардите при истапувањето на Обединетото Кралство од Унијата е едно од најкомплексните прашања во преговорите за Брегзит.

Европејците и Британците мораат да најдат начин да избегнат тврда граница на ирскиот остров, а притоа да го сочуваат интегритетот на внатрешниот пазар на ЕУ и слободното движење.

Додека не се постигне договор за самото истапување на Обединетото Кралство од ЕУ, двете страни не можат да започнат со преговорите за идното партнерство и трговските односи.

Шефот на европскиот преговарачки тим вчера одржа средба зад затворени врати со европратеници, и порачал дека ЕУ ќе биде цврста околу регулаторните стандарди и дека нема да дозволи Брегзит да го ослаби нивото на заштита на животната средина и работничките права, пренесуваат медиумите.

Лондон треба да ја напушти ЕУ на 31 јануари 2020, но претходно треба да одржи парламентарни избори. Конзервативците на Борис Џонсон водат во анкетите и се противат на ново одлагање на Брегзит. Тие се надеваат што побргу да ја напуштат ЕУ за да можат слободно да преговараат трговски спогодби со трети страни, вклучително и ЕУ.

Џонсон се надева дека, доколку победи на овие избори, ќе успее конечно да собере доволно мнозинство во парламентот за да го усвои договорот за Брегзит пред католичкиот Божик и што побргу да ги започне преговорите за трговска спогодба со ЕУ.

До сега ниедна британска влада не успеа да го протне договорот со Брисел во британскиот парламент.

Барние вчера пред пратениците предупредил дека доколку повторно не помине договорот за Брегзит, ризикот за Брегзит без договор значајно ќе се зголеми.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ