БАФТА наградите во сенка на критиките за недостаток на разновидност

Недостатокот на разновидност меѓу номинираните за престижните награди на британската филмска академија БАФТА, беше клучната тема на синоќешната церемонија во Лондон.

Претседателот на БАФТА, Принцот Вилијам ги уверуваше присутните дека компанијата прави се во својата моќ да гарантира дека можностите се достапни за сите. “Мораме да направиме повеќе за да гарантираме разновидност во филмовите и во процесот на доделување награди”, изјави принцот Вилијам.

Седма година по ред, ниту една жена не беше номинирана за најдобар режисер а сите 20 номинирани актери во категориите најдобар актер во главна и споредна улога се белци.

Особено внимание привлече и вирално се прошири на социјалните мрежи,  обраќањето на актерот Хоакин Феникс, кој ја доби наградата за најдобар актер за извонредната улога во филмот Џокер.

  • Мислам дека за жал испраќаме многу јасна порака до луѓето кои не се белци – не сте добродојдени тука. Не станува збор за надмена осуда, затоа што засрамен сум да кажам дека и јас сум дел од проблемот. Не направив се што е во мојата моќ да осигурам дека филмовите кои сум ги работел се инклузивни. Мислам дека станува збор за поважни работи од тоа филмовите да се мултикултурни, туку мораме да завршиме голема работа за да суштински го разбереме систематскиот расизам. Мислам дека е обврска на луѓето кои ги создале, развиваат и имаат корист од системите на опресија – да ги растурат тие системи. Значи, тоа зависи од нас, изјави Хоакин Феникс добитник на наградата БАФТА за најдобар актер.

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ