
Анкета пред Давос: Капитализмот „прави повеќе штета отколку добро“
56% од луѓето во светот веруваат дека капитализмот, во сегашната форма, прави повеќе штета отколку добро, открива истражувањето во пресрет на форумот на политичката и економската елита во Давос.
Најмногу недоверба имаат луѓето во азиските, европските, африканските земји и земјите во персискиот залив.
Со ова тврдење не се согласуваат испитаниците во Австралија, Канада, САД, Јужна Кореја, Хонг Конг и Јапонија, каде луѓето го фалат капитализмот.
Барометарот „Еделман Траст“, анкетирал 34 илјади луѓе од 28 земји во текот на изминатите 20 години.
Авторите на студијата наведуваат дека претходните истражувања покажале зголемено чувство за нееднаквост и ги натерале да ги прашаат граѓаните дали започнале да имаат подлабоки сомнежи за западните демократии засновани на капитализмот.
Истражувањето потврди различни видови на грижи на граѓаните, почнувајќи од брзиот технолошки развој и несигурноста на работните места, до недовербата во медиумите и чувството дека националните влади не се во состојба да се справат со денешните предизвици.