
Американците се погласни против рестриктивните мерки
Додека голем дел од европските држави започнаа или планираат започнување на процесот на олеснување на рестриктивните мерки по подобрувањето на ситуацијата на Стариот континент, во САД се зголемува притисокот на јавноста да се направи истото. Повеќе од еден месец од воведувањето на рестриктивните мерки во поголемиот дел од американските сојзуни држави, бројките на заболени и починати се се уште високи. Најголемиот процент од јавноста подржува продолжување на мерките, но малцинството кое повикува на нивно укинување станува се погласно а на се почестите протести ширум земјата, се слушаат жестоки обвинувања за властите.
Ова произволно сеопфатно затварање на бизнисите, кое речиси да ги остави сите работници без работа, е едноставно катастрофа. Економска катастрофа за Мичиген и на луѓето веќе им е преку глава, изави Мешон Медок од Мичигенската конзервативна коалиција, која е еден од организаторите на протестите.
Бројот на починати во земјата надминува 46.000 а од почетокот на март дури 22 милиони Американци побарале помош за невработени. За најзагрозените категории граѓани повикот на претседателот Трамп за отварање на економијата, станува се попримамлив. За разлика од него здравствените власти предупредуваат дека бројките се уште не покажуваат забавување на епидемијата во земјата.
Ако се уште дознаваме што може да направи, сега не е моментот да им дозволиме на луѓето да излегуваат и да си продолжат и едноставно да се вратат на своите животи. Не. Се уште откриваме колку лошо може да биде, затоа сакам луѓето да останат дома дури и подолго за да се осигуриме дека навистина сме го решиле ова, вели Лора Меккулог, професорка по медицина на Универзитетот во Висконсин.
Потенцирајќи ги насоките на Белата куќа, претседателот Трамп денеска повтори дека неговата администрација ќе продолжи да соработува со локалните власти за релаксирање на рестрикциите.
Благодарение на значителниот напредок во борбата против невидливиот непријател, задоволство ми е да објавам дека во согласност со насоките на администрацијата за повторно отварање на Америка, ќе започнеме со отварање на националните паркови и јавни места за Американскиот народ да ужива во нив, порача Трамп.
По повеќе од две недели позитивни знаци ширум Европа, Германија им дозволи на одредени сектори од економијата да продолжат со работа а Франција најави отварање на училиштата кон средината на мај. Но дел од мерките во поголемиот дел европски земји ќе останат во сила. Земји како Германија, Австрија, Чешка и Словачка воведоа задолжително носење маски, но нивното носење останува доброволно во Шпанија и Франција.
Од самиот почеток на пандемијата на Ковид-19, СЗО тврди дека носењето заштитни маски треба да биде задолжително само за болните и медицинскиот пресонал или членовите на семејствата на болните кои се грижат за нив. Нивните истражувања покажале дека честото миење раце е поефикасно во спречување на ширењето на вирусот меѓу популацијата, отколку носењето заштитна опрема.
Игор Трајков