
Албанците упорни да го урнат Еди Рама
Албанците се истрајни во намерата да го урнат Еди Рама. Не денешниот нов, шести по ред антивладин протест пред парлементот е поставена железна ограда. Полицијата, поучена од претходните инциденти, ги презема мерките за демонстрантите да не се обидат да влезат во зградата за време на пленарната седница.
Но, ништо не ги спречува поддржувачите на опозицијата да продолжат да ја бараат оставката од владата и предвремени избори. И железната ограда не ги исплаши. Се обидоа да го пробијат кордонот, фрлаа кон полицијата и димни бомби, а полицајците со солзавец ја растераа толпата. Сепак, недалеку од нив беа поставени водени топови, за секој случај. „Рама оди си“ извикуваа демонстрантите.
- Имам многу причини да протестирам. Премиерот направи многу лоши работи на оваа нација, мора да си замине, мора да бега, вели демонстрантот Ружди Гуши.
Пред почетокот од пленарната седница, на самиот влез, демонстрантите со боја го испрскаа пратеникот Ралф Ѓони од Социјалистичкото движење за интеграција кој требаше да даде заклетва и да дојде на местото на еден од оние опозициски пратеници од Демократската партија на Љуљзим Баша, кои дадоа оставки.
Баша, кој ги води протестите, денеска за првпат не беше присутен. Од состанокот на Европската народна партија во Брисел испрати порака преку ФБ.
„Се бориме за праведна кауза, за влада ослободена од криминал и слободни избори. Време е криминалната клика со владата да се разурнат до темел! Албанија како Eвропа“, напиша Баша.
Еди Рама одлучно ги одбива барањата на опозицијата. Но, денеска немаше време да се занимава со нив. Пред два дена е хоспитализиран во прединфарктна состојба, и со чартер брзо е префрлен во Берлин.
Алиса Шутиноска