Алармот за тревога од лавини на Алпите на највисоко ниво

Се бројат жртвите од смртоносните лавини кои викендов ги погодија Алпите. Двете нови пронајдени тела во близина на Салцбург се 28-годишно момче и 23-годишна девојка. Лавината ги фрлила во амбис, по што ги затрупала три метри снег. 40 спасувачи со кучиња трагачи ги бараат и двајцата исчезнати туристи во Долна Австрија, но акцијата постојано се прекинува поради новите врнежи. Девет луѓе проголтаа лавините во Австрија, Германија и Швајцарија, кои не можат да се контролираат… На патиштата е хаос, затворени се железничките линии, а во Минхен се уште трае сообраќајниот неред. Откажани се 150 авионски летови, а училиштата во делови од Баварија се уште се затворени. Но, тоа најмногу им одговара на децата, иако малку им се стопирани активностите.

  • Времето не е безбедно, бидејќи добивме многу свеж снег одендаш. Од една страна сакаме свеж снег, од друга страна, ако премногу наеднаш падне, се зголемува опасноста.
  • Го сакам времево..Можете да се санкате, а децата се забавуваат. Убаво е.

Сепак, фактите се дека 14.000 домаќинства се без струја на Алпите. Во Австрија вчера е евакуирано и едно цело скијалиште на планината Хокар, која се наоѓа на 1770 метри надморска висина. Се стравува од огромни лавини, кои последен пат се случиле пред 20 години, кога загинаа 30-тина луѓе. И покрај напорите на стручњаците со контролирани експолизии да го совладаат снегот, сепак тој не престанува да врне. Поради тоа, нивото на тревога е подигнато на 4 степен, што значи дека опасноста од лавина е толку голема што и најмала вибрација би можела да предизвика катастрофа. Со секој нов сантиметар снег, жителите на Алпите стравуваат се повеќе, бидејќи според локалната прогноза, врнежите нема да се намалат до крајот на неделата.

Алиса Шутиноска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ