Акција на годината – Запленети 1,5 тон марихуана во Албанија

Албанската полиција, во рамки на акцијата „Вјоса“ заплени огромна количина марихуна и арсенал оружје. Според полицијата, во близина на селото Лешње кај Мемалија, во место обраснато со грмушки и дрвја, во близина на реката Вјоса, открила две комби возила со наркотиците и оружјето.

„При контрола на возилата откриени се околу 1.500 килограми марихуана, 16 парчиња огнено оружје и тоа снајпер, 12 автоматски пушки „калашњиков“, две полуавтоматски и една ловечка пушка“, стои во полициското соопштение.

Се додава дека поради засилените полициски контроли во тоа подрачје, шверцерите на дрога и оружје, натоварените комби возила со марихуана и оружје ги скриле во потешко прооден терен, мислејќи дека таму нема да се врши контрола.

– Акцијата се следи со специјални методи и поради тие причини не можеме да дадеме други детали, наведува албанската полиција.

Во меѓувреме грчката полиција заплени 130 килограми марихуана исто така во планински предел во близина на грчко-албанската граница. Уапсен е дваесет и седум годишен албански државјанин.

Статистиката на грчката полиција потврдува дека во изминатиот период од годинава во повеќе делови на земјата запленети се 6,7 тони марихуана, пристигната од Албанија.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ