
Абас: САД повеќе нема да бидат посредници меѓу Израел и Палестинците
Палестинскиот лидер Махмуд Абас, ги оквалификува како „срамни“ заканите кои Вашингтон ги упати кон Палестинците.
На синоќешната вонредна седница на Централниот совет на Палестинска ослободителна организација (ПЛО) во Рамалах, Абас упати остри критики кон плановите на Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп за прекин на финансиката помош за Палестинците.
– За нас е неприфатливо САД да останат посредници меѓу нас и Израел. Повторно ќе се обратиме кон ОН со барање Палестина да стане полноправен член на меѓународната заедница, дури и ако Американците постојано ставаат вето, нагласи палестинскиот лидер.
Како што јави МИА, при говорот, што беше емитуван на телевизија „Фалстин ал Јум“, Абас истакна дека „Источен Ерусалим може да биде главен град само на Палестина“.
– Ова е наш град, наша земја, нема да ги напуштиме, рече палестинскиот лидер.
Состанокот го отвори претседателот на Националниот палестински совет (Парламент во егзил), Салим ал Зарун. Тој истакна дека учесниците во состанокот имаат задача да донесат „сеопфатен план за спречување на одлуката на САД за признавање на Ерусалим за главен град на Израел“.
Управното тело на ПЛО се состана под мотото „Ерусалим – Вечниот главен град на Палестина”. Во него учествуваат 90 од вкупно 114 членови на Советот и 160 набљудувачи од други организации.
Хамас и Исламски џихад беа поканети на состанокот, но соопштија дека нема да учествуваат. Хамас сакаше средбата да се одржи надвор палестинските територии за да се спречи притисокот од израелска страна, но Абас одлучи таа да се одржи во Рамалах, каде што е седиштето на неговата Влада