
Нова ера за Куба по династијата Кастро
Крај на една ера во Куба. Завршува доминацијата на династијата Кастро, на власт преку шест децении, а со нив и залезот на генерацијата на „барбудос“, геронтокрацијата на борците од Сиера Маестре заедно со Фидел Кастро, „Ел лидер максимо“.
Кубанското Национално собрание денеска го избра 57-годишниот Мигел Дијаз-Канел за нов претседател на Куба, наследувајќи го Раул Кастро кој останува генерален секретар на комунистичката партија.
Дијаз, 57 години, наречен „Диаз и Ноче“ или „Ден и ноќ“, поради својата неуморна работа, роден после кубанската револуција, почитуван заради својата идеолошка сила, верен на партиската линија, искрен противник на американскиот империјализам. Со овој човек почнува бавната и контролирана транзиција на Куба и на тропскиот социјализам.
„Мандатот кој е доделен од народот на ова законодавство е со цел да се даде континуитет на Кубанската револуција во еден клучен историски момент кој ќе биде одбележан од се што ќе направиме за развојот на економскиот и општествен модел, усовршувајќи и зајакнувајќи го нашиот труд во сите аспекти од животот на нацијата“.
Откако обидот за транзиција на Раул Кастро според виетнамскиот модел не успеа, комбинирајќи еднопартиски систем со слободен пазар во кубанскиот државен социјализам, прашањето е како ќе се подобри економијата. Државните плати се под 30 долари, странските инвестиции ги нема никаде, додека државниот индустриски систем произведува единствено неефикасност, долгови и корупција. Но, барем од аспект на меѓународен имиџ, Куба го избегна патот на севернокорејската династија и номенклатура.
„Дијаз-Канел ќе го даде најдоброто од себе за земјата. Ќе го следи нашиот историски процес кој го живеевме до сега, и ќе направи многу нешта за нас, и добро ќе не претставува во владата“.
„Дијаз-Канел мора да ги подобри нештата во продавниците, не можеме да се издржиме со платите кои ги заработуваме. Парите што ги добиваме се трошат пребрзо, за два дена, за струја, вода, гас, и веднаш завршува платата“.
Но, дали посткастризмот ќе заврши само со помладени лица и фасадни промени? Засега не е забележлива никаква програма да се тргне кон освојување на пазарната економија, демократијата или плурализмот. Подемот на Трамп, и враќањето на односите САД-Куба како од времето на Студената војна, дополнително ги задушија надежите за отворање на островот. Речникот на режимот и понатаму каска зад историјата, со фрази излитени од пред неколку децении. Но, во историјата се е возможно. Можеби Дијаз-Канел ќе се открие како реформатор и над очекувањата, оставајќи притоа генерацијата на Раул да замине од сцената пред да забрза. Но, можно е да се затвори и повеќе од својот претходник, следејќи ја тажната парабола на некои јужноамерикански диктатори.
Но, Куба е аномалија, и секогаш знаела да изненади, прашањето е кој страв е поголем, од доаѓањето на новото, или од згаснувањето на тропскиот социјализам?
Ивор Мицковски