Путин го осуди нападот врз Сирија

Путин ги нарече воздушните напади „акт на агресија“ и рече дека Русија ќе свика итен состанок на Советот за безбедност на ОН за да разговара за „агресивните акции на САД и нивните сојузници“.
Русија на „најсериозен начин го осудува нападот врз Сирија, каде руските војници ѝ помагаат на легитимната влада во борбата со тероризмот“, се вели во соопштението пренесено од руските новински агенции.
Нападот предводен од САД ќе ја „влоши хуманитарната катастрофа во Сирија“, рече Путин и додаде дека нападот „ќе доведе до страдање на мирното население, всушност, ќе ги поттикне терористите што го мачеа сирискиот народ седум години и предизвикаа нов бран бегалци“ од земјата.
Нападот „ќе има деструктивен ефект врз целиот систем на меѓународни односи“, рече Путин.
Путин, исто така, го повтори руското инсистирање дека земјата не нашла никакви докази за напад со хемиско оружје во предградието на Дамаск, Дума, што доведе до денешните воздушни напади.
„Руските воени експерти на местото на наводниот инцидент не најдоа никакви знаци на употреба на хлор или други отровни супстанци. Ниту еден локален жител не го потврди фактот за хемиски напад“, рече Путин.
Путин во соопштението ја напаѓа коалицијата предводена од САД дека нападот го спровела „без да ги чека резултатите од истрагата“ на мисијата за утврдување факти на експерти од Организацијата за забрана на хемиското оружје, кои се упатени во Дума.

Русија предупреди дека ќе има „последици“ за воздушните напади на САД врз Сирија.
Рускиот амбасадор во САД, пак, ги опиша воздушните напади, спроведени заеднички од САД, Франција и Велика Британија, како директна закана за Москва и рече дека навредувањето на претседателот Владимир Путин е „неприфатливо и недозволиво“.
„Ние сме загрозени“, изјави амбасадорот Анатолиј Антонов. „Ние предупредивме дека таквите акции нема да бидат оставени без последици“.
Антонов ги обвини САД за лицемерство, велејќи дека „нема морално право да ги обвинува другите земји“ кога го поседува најголемиот арсенал на хемиско оружје во светот.
Во својата прва реакција на нападите руското Министерство за надворешни работи рече дека Сирија била нападната токму поради тоа што имала „шанса за мир“.
„Прво ‘арапската пролет’ беше тест за сирискиот народ, потоа Исламска држава, а сега паметни американски ракети. Главниот град на суверена влада, кој со години се обидува да преживее под терористичка агресија, е нападнат“, напиша на Фејсбук портпаролката на Министерството за надворешни работи, Марија Захарова.
„Мора да бидете мошне абнормални за да го нападнете главниот град на Сирија токму во моментот кога имаа шанса за мирна иднина“, напиша таа.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ