
Франција го подига влогот во Сирија, Трамп стиска кочница, Берлин се дистанцира од можен напад
Постојат докази за употребата на хемиско оружје, во најмала рака хлор, употребени од страна на Башар Асад. Ова се зборовите на францускиот претседател Емануел Макрон во телевизиско интервју, каде најави дека важни одлуки ќе се донесат во деновите што следуваат.
„Имаме докази дека минатата недела, речиси пред десет дена, беше употребено хемиско оружје, барем хлор, и дека биле употребени од режимот на Башар Асад“.
„Значи според вас, црвената линија е премината и вие рековте, ќе има Западна интервенција, во најмала рака одговор. Дали разговаравте со Доналд Трамп“?
„Да, секој ден од почетокот на неделата нашите тимови работат тесно заедно. Не очекуваат некои одлуки во кратко време, кога ќе одлучиме што е најкорисно и најефикасно“.
Но, временска рамка не е јасна, и тоа се обиде да го потврди и Трамп, во најновиот од серијата конфузни и проблематични твитови.
„Никогаш не кажав кога ќе нападнеме. Може да биде многу набрзо, а може и да не се случи набрзо. Како и да е мојата администрација заврши голема работа ослободувајќи го регионот од ИСИС. Каде е нашето, Ти благодариме Америка?!“, ќе напише Трамп.
Најавата за иминентен напад, вчера ја објави самиот Трамп, кој и порача на Русија да очекува едни убави, нови и интелигентни ракети.
Ако нечија позиција е појасна, тогаш тоа е онаа на германската канцеларка Меркел, која најави дека Берлин нема да учествува во евентуален напад.
„Го следиме тоа што го слушаме од САД и Франција, јас исто така разговарав со францускиот претседател. Германија нема да учествува во евентуална воена акција“.
Меркел изрази солидарност и ја поддржа заедничка осуда на употребата на хемиско оружје, најавувајќи дека Германија би се активирала надвор од дипломатското ниво, само под капата на ООН.
Руското МНР и денеска се огласи со предупредување до Западот.
„Ги повикуваме сите одговорни членови на меѓународната заедница да размислат околу можните последици на ваквите обвинувања, закани и планирани акции. Никој не го авторизирал Западот да ја преземе улогата на светски полицаец, ниту пак онаа на истражител, обвинител, судија и егзекутор“.
Но, зошто светските сили се дотераа до една слепа улица полна закани и црвени линии? Јасно е дека никој повеќе не сака да го загуби образот, но тоа се позиции поблиски до автократиите, отколку до демократиите. Факт е дека Путин кој се постави како гарант за режимот на Асад, потфрли, кога станува збор за употребата на хемиско оружје. И затоа сме денес пред оваа апорија, слепа улица, без многу опции за мирен излез, без нови трагедии. Во 2013-та година, во аналогна ситуација, Обама, го изгуби образот пред самоволието на автократите. Овој пат, стравот е дека логиката на Трамп е слична на онаа на Путин, и дека ќе се оди докрај, со главата во ѕид.
Ивор Мицковски