Западот се уште не донел одлука за воена интервенција во Сирија

Белата куќа тврди дека сите опции се на маса додека западните лидери размислуваат за воена операција во Сирија, како одговор на наводниот напад со хемиско оружје во Дума. Прессекретарот Сандерс изјави дека конечната одлука се уште не е донесена.

„Остануваме на тоа дека имаме повеќе опции и сите тие опции се се уште на маса. Конечна одлука за тоа не е донесена“, изјави Сара Хакаби Сандерс.

САД, Велика Британија и Франција соопштија дека соработуваат за координиран одговор на хемискиот напад во Сирија, а тој одговор според западните медиуми, ќе биде воена операција. Американскиот совет за национална безбедност денеска ќе одржи состанок, додека британската премиерка Тереза Меј ќе одржи седница на владата. Според битанските медиуми, Кралската морнарица веќе испратила подморници во источниот Медитеран.

„Соработуваме со нашите најблиски сојузници да разгледаме како можеме да се осигуриме дека виновниците ќе одговараат. И како можеме да спречиме и одбегнеме хуманитарна катастрофа од употребата на хемиско оружје во иднина. Употребата на хемиско оружје не може да помине без одговор“, тврди Меј.

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека моменталната ситуација предизвикува загриженост и изрази надеж дека ќе надвладее здравиот разум.

„Ситуацијата во светот станува се повеќе хаотична. И покрај тоа, се надеваме дека здравиот разум ќе надвладее и меѓународните односи ќе станат конструктивни, целиот светски систем ќе стане стабилен и предвидлив“, смета Путин.

Загриженост дека ситуацијата може да излезе од контрола изрази и Генералниот секретар на Обединетите нации, Антониот Гутереш.

Во очекување на воен одговор од западните земји, сириската армија дислоцирала неколку воени капацитети, авиони и персонал. Руските специјалисти кои се наоѓаат во Сирија исто така биле повлечени во базата во близина на Латакија.

Пред два дена Европската агенција за безбедност во авиосообраќајот ги предупреди авиокомпаниите да внимаваат при прелетувањето на сирискиот авио-простор. Според комерцијалниот вебсајт за следење на летови, ФлајтРадар, над сирија нема прелетано ниту еден комерцијален патнички авион.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ