СБ на ОН одби три предлог-резолуции за Сирија, Западот се подготвува за воена акција

Советот за безбедност на ОН и по три обиди не успеа да усвои резолуција за наводната употреба на хемиско оружје во Сирија, по што САД и неколку западноевропски земји размислуваат за преземање воени акции. Русија стави вето на обидот на САД во Советот за безбедност да воспостави нова истрага за откривање на виновниците за хемиските напади во Сирија, по што следеа две руски предлог-резолуции, кои не беа изгласани.

„Кога луѓето од Дума, заедно со остатокот од меѓународната заедница очекуваат од овој Совет да дејствува, една земја стои на патот. Историјата ќе го запамети ова. Историјата ќе забележи дека на овој ден Русија одбра на заштити чудовиште пред животите на Сиријците“, обвини постојаниот американски претставник во ООН, Ники Хејли.

Русија ги обвини САД, Франција и Велика Британија дека предложиле текст за усвојување, за кој знаеле дека Москва ќе стави вето, само како изговор за да преземат воени активности.

„Ако одлучите да преземете нелегална воена акција, а се надеваме дека ќе се освестите, тогаш ќе треба да ја сносите одговорноста. Тоа што се обидувате е да ја вметнете оваа резолуција во Советот за безбедност, нешто што стоеше во фиока подолго време, само за да најдете изговор“, изјави рускиот претставник Василиј Небензија.

Нацрт-резолуциите предлагаа формирање на „нов независен истражен механизам на ОН” за употреба на хемиско оружје во Сирија со едногодишен мандат, но членките во советот не може да се согласат околу ингеренциите кои ќе ги има тој механизам. Тоа е 12-то вето на Русија на предлог-резолуции за Сирија од почетокот на војната во 2011 година.

Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп ја откажа посетата на латинска Америка за да се фокусира на одговорот на Вашингтон на наводните хемиски напади во Сирија. Тој разговарал и со британската премиерка Тереза Меј за понатамошни воени дејствија во Сирија. Координиран одговор со САД и Велика Британија најави и францускиот претседател Емануел Макрон кој претходно, во неколку наврати потенцираше дека употребата на хемиско оружје е „црвената линија“ која повлекува сериозни реперкусии.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ