
Убедлива победа на Орбан – продолжува унгарскиот проект на „нелиберална демократија“
На Виктор Орбан му успеа да победи по трет пат, лансирајќи се во олимпот на најдолговечните лидери во ЕУ, веднаш после Ангела Меркел. Орбан и неговата Фидес добија 49 проценти од гласовите, што според проекциите му обезбедува двотретинско мнозинство со 133 пратенички места од можните 199. Но, оваа демократска победа на квазидемократијата доаѓа пред се благодарение на неговота 8 годишна речиси апсолутна власт. Орбан продолжува со градење на својот проект наречен “нелиберална демократија“, инспирирана од владеењето на Путин и Ердоган, и потоа способна да инспирира и легитимира слични политички режими од Гданск до Гевгелија.
Ова е клучната победа, во иднина ќе ја одбраниме татковината, ќе изјави Орбан по победата.
„Создадовме можност да ја одбраниме Унгарија. Нашата татковина, Унгарија, се уште не е таму каде би сакале да е, но сега оди по патот кој го одбра за себе. Ќе одиме заедно по тој пат. Ви благодараме за се, слава му на бога“.
Изборите беа окарактеризирани од огромна излезност, речиси 70 проценти од гласачите, што го уплаши и самиот Орбан, и ги потхрани илузиите на опозицијата. Но, масата народ излезе во поддршка на Виктор, нешто што му е олеснето со изборниот систем, претежно мнозински, скроен токму по негова мерка. Орбан победи како бранител на нацијата и шампион на христијанството, водејќи антиимиграциска и ксенофобна кампања, оцрнувајќи ги опозиционерите, име по име, како странски платеници под капата на Сорос. Нешто за нас тука, добро познато.
„Мислам дека владејачката партија ќе продолжи како и досега“.
„Според мое мислење, работите нема да одат на подобро“.
„Ако земјата така одлучила мора тоа да го прифатиме. Ако изборниот систем е таков да доделува двотретинско мнозинство со освоени 49 % од гласовите, што може да направиме“.
И покрај обвинувањата на корупција и комплетната партизација на државата, контролата врз медиумите, малверзациите со преку 30 проценти од европските фондови, неприфатливата блискост со Москва и соживотот со олигарсите, стравот, полулизмот и национализмот на Орбан победија. Неговата победа значи многу за сите совранисти или поточно, нелиберални демократии во или надвор од ЕУ, како Полска, Словачка, или една Србија.
„Миграцијата беше единствената тема на Фидес, тоа беше клучната тема. Огромно мнозинство од медиумите во Унгарија се директно или индиректно контролирани од владејачката партија. Целосната структура на државата во Унгарија е скроена за потребите на Фидес, вклучувајќи го изборниот систем, но и независните институции како обвинителствоот, антикорупциската, даночната управа“.
Стабилноста пред демократијата, останува главното европско мото на Берлин и ЕУ, кога станува збор за источна Европа. Орбан ќе добива европски пари, додека ги наметнува своите политички диктати во Брисел, ќе седи на европската маса, додека изигрува западна порта за интересите на Пекинг и Москва во Европа. Прашање е до кога консолидираните демократии и евроинституции, ќе го толерираат растечкиот авторитаризам, и до кога правилата и стандардите кои важат за Балканот, ќе бидат игнорирани и неисполнети во Будимпешта, Братислава или Варшава.
Ивор Мицковски