Нетанјаху ги пофали израелските војници: Го штитат суверенитетот!

Премиерот на Израел, Бенџамин Нетанјаху ги пофали израелските војници по крвавите судири на граница со Појасот Газа, во кои беа убиени 16 Палестинци и преку илјада се ранети. Нетанјаху особено ја пофали војската дека ги „заштитиле границите на земјата“. Одлично одработено од нашите војници, ќе искоментира израелскиот премиер, додавајќи дека Израел делува жестоко и одлучно со цел да го заштити својот суверенитет и безбедноста на граѓаните.

Судирите почнаа во петокот кога илјадници палестинци, голем број на жени и деца, дојдоа пред границата која го дели Појасот со Израел, по повод „маршот на враќањето“, протестот кој беше планирано да трае 6 недели, и чија цел е барањето на „правото на враќање“ на палестинските бегалци од земјите во Израел од кои биле протерани.

Но, маршот кој се одржува секоја година од 30 март 1976-та, се претвори во масакар.

Израелската војска изјави дека била приморана да отвори оган од боева муниција, затоа што Палестинците фрлале камења и молотови коктели по војската.

„Терористичката организација Хамас ги испрати своите луѓе на границата на Израел со Газа со цел да ги камуфлираат своите вистински намери за терор. Ги пратија своите жени и деца како илузија која треба да ги сокрие нивните вистински намери. Кои се нивните вистински намери? Фактите говорат за себе. Испалија ракети кон Израел, се обидоа да се инфилтрираат меѓу границата во Израел, суверена граница. Пукаа со оружје кон Израел. Фрлаа молотови коктели. Ова никако не е мирен протест, ова е насилство“, кажа мајор Карин Хаџиоф – шеф на јавни односи на Израелската армија.

Во меѓувреме илјадници луѓе учествуваат во погребните поворки за убиените Палестици, во најкрвавиот ден од војната во 2014 година меѓу Израел и Хамас. Мал број на луѓе и денес протестираа и во новите судири повредени се 15 лица.

„Организиравме и ќе продолжиме да организираме, културно – општествени и спортски активности со цел да ги отргнеме младите од судири со окупациските војници. Но, како што гледате, војниците продолжуваат да ги провоцираат демонстрантите вовлекувајќи ги во круг на насилство“, кажа Салах Абделати, член на правниот комитет „Марш на враќањето“.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш побара „независна и транспарентна истрага“ за судирите, додека пак САД ја блокираа нацрт-резолуцијата на Советот за безбедност на ОН во која се бара независна истрага за најновите судири и се повикува на воздржаност во Појасот Газа.

Но, на Блискиот Исток не се оди подалеку од општите осуди. Насилството и прекумерната сила на Израел се за секоја осуда, но ништо помалку виновни не се ниту Хамас, кој откако ја презеде Газа во 2006-та година, единствено го претвори Појасот во ракетна база на Палестинците.

Не запира ужасниот круг на насилства и бегањето и на Израел и на палестинските власти, од какво било политичко решение и смирување на конфликтот, во кој прашањето од поодамна не е само кој убива луѓе, туку и кој праќа луѓе да бидат убиени.

Ивор Мицковски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ