
Кој стави отров во односите меѓу Западот и Русија?!
„Ние веруваме дека руската држава е виновна за инцидентот што се случи, за нештата што се случија, за употребата на нервниот агенс на улиците на Салзбури. Тие го имаат капацитетот за тоа, овој нервен агенс е еден од групата Новичок отрови, кои беа развиени од страна на Советите. Русија го има капацитетот, јас мислам го има и мотивот и намерата, и ова е дел од една шема на однесување кое го гледаме кај Русите низ Европа“, кажа Тереза Меј.
Ова е дефинитивниот став на британската премиерка, зад која ЕУ, НАТО, САД и генерално западните сојузници, меѓу кои и Македонија, цврсто застанаа, и која потоа ќе предизвика една од најголемите дипломатски кризи во односите меѓу Западот и Русија по крајот на Студената војна. Повеќе од 26 западни земји, решија да протераат руски дипломати како одговор на труењето.
Но, нешто не штима во британските обвинувања за руската употреба на нервниот отров, врз двојниот руски шпиун Сергеј Скрипаљ и неговата ќерќа Јулија во британскиот град Салзбури.
Денес во Македонија, која во дипломатска и политичка смисла стана дел од случајот Скрипаљ, рускиот амбасадор Олег Шчербаг, уште еднаш силно ги отфрли британските обвинувања, наведувајќи дека зад нив стојат политички мотиви. Тој додаде дека нервниот гас „Новичок“, за кој се тврди дека е руско хемиско оружје, се разработува и во Велика Британија, и дека во овој случај возможно е евентуална вмешаност на безбедностите сили на Велика Британија.
Денеска и самите британски истражувачи ја променија првичната верзија според која хемискиот отров бил донесен во куферот на ќерката на Скрипаљ, Јулија, или пак бил пуштен во системот за вентилација во нејзиниот автомобил.
Скотланд Јард соопшти дека најверојатно контактот со нервниот агенс со кои биле затуени, се наоѓал на влезната врата на нивната куќа, каде е пронајдена најголема концетрација.
Но, кои се про и контра тезите во целиот случај? Настрана тврдењата на официјална Москва, Лондон тврди дека нервниот гас потекнува од Русија. Скрипаљ е непријател на Москва, предавник, како што го нарече Путин, двоен агент кој се ставил во служба на Британија. Се разбира тука е и претходното искуство со поранешниот припадник на КГБ, Александар Литвниненко, и тој отруен на неконвенционален начин, со радиоактивен полониум.
Но, оттука продолжуваме со сомнежите. Главниот британски опозиционер Џереми Корбин, ќе запраша од каде произлегува убеденоста дека се Русите, а не можеби британскиот безбедносен апарат во соработка со мафијашки структури? Да се потсетиме, Британија нема најчист образ на ова поле, бидејќи токму тие го подготвија контроверзното досие околу постоењето на оружје за масовно уништување во Ирак, со цел да го оправдаат нападот во Садам Хусеин. Хемиското оружје на Садам никогаш не беше пронајден.
Останува уште еден аспект, дека гасот „Новичок“, првично развиен во лабораториите во Русија, а тестиран во Узбекистан, дел од тогашниот Советски Сојуз, бил прошверцуван во хаосот кој ќе настане за време на падот на Советската империја.
Воените експерти сметаат дека целиот случај, наместо да се базира на докази и правни процедури, се сведе на политички игранки и дипломатски кризи.
„За ова не се одлучува во судот на правдата, па затоа се такви и аргументите на обете страни, тоа е еден вид на политичка борба, и тоа значи дека ќе биде пресудена во печатот, и на телевизија, на интернет, но не и на суд, што значи дека правните аргументи и не се така важни“, смета Павел Фергенхауер – воен аналитичар.
Сомнежот е голем и кај поранешните британски разузнавачи.
„Полицијата која е дел од истрагата кажа дека ќе бидат потребни недели, ако не и месеци, да стигнеме до вистината за нападот. Па затоа, за британската Влада тоа да го избегне и да каже: Да, се разбира дека се Русите, се разбира дека тие треба да се обвинат, ајде да ги избркаме руските дипломати, да одиме до НАТО, да одиме до ЕУ, да одиме докај американците, и да ја добиеме нивната поддршка, е неверојатно дипломатски избрзано во едно дипломатски гледано, неверојатно деликатно време“, кажа Ани Мачон, поранешен разузнавач на МИ5.
Тоа што го потхранува скептицизмот и што многумина политички коментатори го забележуваат е дека во целиот случај недостасува рускиот мотив за ова труење. Досега труењето му послужи на Западот за обединување, и внатрешно зајакнување на Тереза Меј, ослабната од Брегзит. Но, каде е тука користа за Путин?
И втора работа. Каде е ударот по џебот на стотината руски олигарски во Лондон. Каде се санкциите, каде е ударот по економската криза на Русија, нешто што навистина би го здоболило Путин? Каде е масовниот бојкот на Светското првенство, за да се сруши имиџот на Путин. Бркањето на дипломати е најлесната мерка за сите, па и за Русија. Затоа што војните со шпиуни можат да траат бесконечно, без никој навистина да си наштети на економските интереси.
Ивор Мицковски