Протерувањето на дипломатите е „провокативен акт“, тврди Русија

Претседателот Владимир Путин ќе биде оној што ќе ја донесе конечната одлука за одмаздничките мерки против американските и европските земји што што протераа руски дипломати. Засега, руското министерство за надворешни работи ја проучува ситуацијата и подготвува листа на можни акции, рече портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков.

Вкупно 15 земји членки на Европската унија, заедно со САД, Канада, Украина, Албанија, Македонија, Австралија одлучија да протераат руски дипломати во знак на солидарност со Велика Британија.

„Последниов инцидент бараше одговор и доби обединет меѓународен договор од сојузниците и партнерите на Обединетото Кралство ширум светот. Да не се направеше нешто само ќе ги охрабреше идните напори да се поткопа пореднокот заснован на меѓународните правила, на кои почиваат нашата безбедност и просперитет“, тврди австралискиот премиер Малком Турнбул.

Руското министерство за надворешни обвинува дека зад акцијата на Европската унија стои НАТО, кој се користи со политика на казнување и се обидува да ја демонизира Русија. Портпаролот Марија Захарова нагласи дека САД и Обединетото Кралство стојат зад провокацијата во Салсбери и оти доказ за тоа се бројот на протераните руски дипломати.

Српските медиуми пренесуваат дека врз Белград се врши притисок од страна на Велика Британија, која преку дипломатски канали и пренела порака на владата дека и Србија би требало недвосмислено да го осуди труењето на Сергеј Скрипал, што значи за тоа да ја обвинува Руската федерација.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ