Најмалку 64 загинати, меѓу кои и голем број деца, во пожарот во Кемерово

Најмалку 64 лица, меѓу кои и голем број деца, загинаа во пожарот што вчера избувна во трговски центар во сибирскиот град Кемерово, соопшти денеска рускиот министер за вонредни ситуаци, Владимир Пучков. Во пожарот се повредени и 44 лица, а околу 10 се уште се водат како исчезнати.

„Денеска мораме да објавиме дека, за жал, како резултат на овој инцидент 64 лица загинаа. Започнавме со вадењето на телата на настраданите за понатамошна идентификација“, рече Пучков.

Се уште не се знае причината за пожарот кој според прелиминарните резултати на истрагата, избувнал во детскиот центар на четвртиот кат, каде што се наоѓале и кино салите. Според локалните медиуми властите се сомневаат дека едно од децата имало запалка, но националната телевизија Русија 24 пренесе дека пожарот избувнал поради неисправна електрична инсталација во детскиот центар.

„Тие отидоа, како и секогаш на четвртиот кат да играат на апаратите. Влегле внатре и таму ги пречекал оган, чад и пожар. Избегале но ги пуштиле да поминат. Кога ги прашав кој не им дозволил да поминат, рекоа обезбедувањето, луѓе во униформи“, вели Валентина Клопенко, која со своите деца била во трговскиот центар за време на пожарот.

Кемерово е рударски град со еден од најголемите ископи на јаглен во Русија. Трговскиот центар „Зимнаја вишња“ е отворен во 2013 година, со површина од 23.000 квадратни метри. Во него имало мала зоолошка градина, продавници, сала за куглање, детски центар и кино.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ