Кембриџ Аналитика: Фејсбук признава дека допуштил грешки но не презема вина

Основачот на Фејсбук Марк Зукерберг призна дека компанијата направила грешки кои му дозволиле на политичкиот консалтинг Кембриџ Аналитика нелегално да ги искористи податоците на 50 милиони корисници на социјалната мрежа. На Зукерберг му требаа неколку денови по откривањето на скандалот да излезе со било каков став. Прво се појави соопштение на неговиот фејсбук профил, а малку подоцна Зукерберг се појави на СиЕнЕн од каде им се извини на корисниците и вети темелна истрага за вакво нешто да не се повтори.

„Наша одговорност е да не дозволиме ова да се повтори и постојат неколку основни нешто кои мораме да ги направиме за да го обезбедиме тоа. Една работа е програмерите како Александар Коган, кои доби пристап до многу информации и потоа неправилно ја искористи, да не добиваат пристап до толку информации во иднина“, вели Зукерберг.

Според Зукерберг, злоупотребата од страна на Кембриџ Аналитика настанала кога во 2013-та година, програмерот од Кембриџ универзитетот Александар Коган, создал квиз апликација, која подоцна била инсталирана од страна на 300.000 фејсбук корисници. Преку разменувањето и објавувањето, апликацијата акумилирала податоци на милиони корисници, кои подоцна биле продадени на Кембриџ Аналитика.

„Сега ќе ја испитаме секоја апликација која има пристап до огромни количества информации пред затварањето на нашата платформа и ако пронајдеме било каква сомнителна активност ќе направиме целосна форензичка ревизија“, тврди основачот на Фејсбук.

Фејсбук вовел нови алатки кои ги ловат сличните апликации кои нелегално собираат податоци и според Зукерберг тие веќе даваат резултати. Минатата година за време на локални избори во САД, повторно е детектирана сомнителна активност и изворот на лажните вести и профили, повторно е лоциран во Македонија.

„Во 2017, минатата година, за време на специјалните избори за Сенатот во Алабама, поставивме нови алатки кои ги направивме за да детектираат лажни корисници кои се обидуваат да шират лажни вести. Откривме многу лажни корисници кои доаѓаат од Македонија“, посочи Зукерберг.

Аферата изби по откритието на поранешниот вработен во Кембриџ Аналитика, Кристофер Вајли, дека агенцијата политичкиот консалтинг искористил нелегално стекнати податоци од 50 милиони корисници на Фејсбук, за да конструира про-Трамп кампања на социјалната мрежа. Фејсбук се најде под притисок на јавноста затоа што знаел за злоупотребата ушта во 2014 година, но не презел ништо за да ја спречи. Компанијата чии акции деновиве стрмоглаво паѓаат тврди дека Кембриџ Аналитика легално ги добил податоците, но агенцијата го прекршила законот со тоа што не ги избришала по завршувањето на истражувањето. Зукерберг најверојатно ќе се појави и пред американскиот Сенат и пред Британскиот Парламент за да ја докаже безбедноста на корисничкит еподатоци на Фејсбук, додека британската влада побара претрес во канцелариите на Кембриџ Аналитика.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ